Кога одговараше на прашањето за изјаснување за вина, обвинетиот Јовановски почна да плаче и да тврди дека тој не навел никого на самоубиство. Видно вознемирен, плачејќи тврдеше дека за тоа бил виновен Мартин Саздов, кој, според него, бил во блиска врска со Ивана. Рече дека Саздов му се заканувал да даде признае вина за сите три дела
Во Основниот кривичен суд Скопје денеска започна судскиот процес против Стојанче Јовановски, кој е обвинет дека ја навел на самоубиство својата сопруга Ивана, која на 2 март почина по пад од балкон со ќеркичката Катја.

Јовановски се товари за три кривични дела – телесна повреда, загрозување на сигурноста и наведување и помагање во самоубиство.
Тој рече дека се чувствува за виновен за првите две кривични дела, но не и за третото дека ја навел сопругата да изврши самоубиство.
Со тоа тој ги призна првите две кривични дела, по што судијата му објасни дека врз основа на признанието ќе му биде изречена пресуда.
Кога одговараше на прашањето за изјаснување за вина, обвинетиот Јовановски почна да плаче и да тврди дека тој не навел никого на самоубиство. Видно вознемирен, плачејќи тврдеше дека за тоа бил виновен Мартин Саздов, кој, според него, бил во блиска врска Ивана. Рече дека Саздов му се заканувал да даде признание за вина за сите три дела.
Претходно, тој рече дека не го разбира обвинението за третото дело, поради што судијата Ивица Стефановски му го прочита повторно.
Прашан за здравствената состојба, обвинетиот рече дека го држат во самица во притвор и барал да го однесат на психијатар.
„Ме однесоа еднаш, ме вратија и оттогаш ништо. Ме држат во самица”,
рече Јовановски.
Пред да се изјасни за вината, судијата даде кратка пауза за обвинетиот да се смири.
Тој кажа дека напишал молба до судот во која тврди дека на делата го натерал Мартин Саздов, наведувајќи дека тој го принудил да излезе од станот и да ги остави Ивана и ќерката сами внатре.
Поради овие наводи судот не го прифати признанието на вина на Јовановски.
Обвинителката Адела Бојчевиќ пред да го презентира обвинителниот предлог наведе дека врши прецизирање на првото кривично дело.
Како што наведе таа, од обвинителниот предлог во врска со делото телесна повреда се брише делот во кој се наведува дека станува збор за продолжено кривично дело при вршење семејно насилство.
„За првото дело вршам прецизирање од причина што станува збор за едно кривично дело, а не продолжено кривично дело, имајќи предвид дека дејствијата се преземени во краток временски период и во краток континуитет“””,
рече обвинителката.
Потоа таа даде опис на трите дела.
Во врска со првото, кажа дека на 2 март Јовановски кај училиштето НОВА ја навредувал и удирал Ивана, а на местото бил присутен и Мартин Саздов.
Додека ја удирал, ѝ велел:
„К**во една, пак ли се е**ш со овој? Ќе те убијам“.
Со насилството продолжил и додека со возилото на Саздов се движеле кон Граѓанскиот суд. Во возилото тој продолжил да ја навредува, а во еден момент се свртел и почнал повторно да ја удира Ивана, која седела на задното седиште. Од ударите, таа во еден момент изгубила свест. Кога сведокот Саздов се обидел да види дали е добро, обвинетиот Стојанче Јовановски рекол:
„Остај ја, к**ва, не ѝ е ништо, само глуми“.
Со малтретирањето истиот ден продолжил и кај судот, а потоа и пред и во станот на улицата „Митрополит Теодосиј Гологанов“.
Жената со ќеркичката се качиле во станот. Се качил и Стојанче, заедно со Мартин. Таму обвинетиот велел дека ќе ѝ го земе дарот, мислејќи на делот од станот што му го препишала Ивана.
„Ќе ја сменам бравата, ќе ти го земам дарот, ќе лежам затвор, но ќе излезам и ќе те уништам”,
велел тој.
Сведокот Саздов го натерал да се симнат од станот и да ги остават Ивана и ќерката да се спакуваат за да си заминат.
Тогаш под силна ментално нарушена состојба Ивана со девојчето скокнала од балконот.
Судењето продолжи со давање исказ на мајката на Ивана, Љубица Стојановска, која е оштетена во постапката.
