По враќање од свадба во Штип минатото лето, Јовановски ги оставил сред пат Ивана и нивната ќерка Катја бидејќи Ивана му дала погрешна насока каде треба да свртат со колата. Почнал да ги навредува, ги избркал од возилото, почнал да ги удира, по што ги оставил сами на патот и си заминал сам за Скопје
Мартин Саздов е другар на зет ми Стојанче Јовановски и заедно работат, јас сум му многу благодарна за целата помош. Ова го кажа Љубица Стојановска, мајка на Ивана Јовановска, која беше најдена мртва со својата ќерка по пад од балкон, во своето сведочење на денешното рочиште од судскиот процес против Стојанче Јовановски.
Таа раскажа случај од минатото лето кога Стојанче, Ивана и нивната ќерка Катја биле на свадба во Штип.

„На враќање, ќерка ми погрешно кажала каде треба да свртат. Почнал да ги навредува и ги избркал од возилото. Надвор почнал да ја удира ќерка ми, а како што ми кажа потоа Катја, ја удрил и неа“,
сведочеше мајката на Ивана.
Обвинетиот Јовановски во таа ситуација ги оставил жена си и ќерка си на патот и си заминал сам кон Скопје. Тоа било среде ноќ, кажа Стојановска. Ивана побарала помош од свекрвата, но таа рекла оти не може да дојде оти ја болел стомакот. Одбил да ѝ помогне и свекорот.
„На крај му јавиле на Мартин Саздов, тој отишол, ги зел и ги однел кај него дома“,
рече мајката на Ивана.
Тогаш Ивана отишла кај нејзините родители и рекла оти не може издржи веќе.
„Татко ѝ рече ‘ова е твоја куќа, сине, колку сакаш остани’“,
додаде таа.
Најмногу од што се плашела нејзината ќерка било Јовановски да не ѝ ја земе Катја. Во еден момент девојчето кажало дека кога татко ѝ ја земал, се шетале со друга жена со машко дете.
„Еднаш жената сронила од тоа што јадела во автомобилот, ми кажа Катја. Рече: Тато ѝ кажа дека не е ништо, да бевме јас и мама, ќе нè избркаше од колата“,
наведе Љубица Стојановска.
Прашана каков татко бил Стојанче Јовановски, мајката на Ивана сведочеше дека на почетокот покажувал внимание, но потоа poвеќе знаел да спие отколку да посветува внимание. Ивана по настанот при враќањето од свдбата во Штип, кај родителите останала до средината на декември, по што се вратила во станот на „Теодосиј Гологанов“. Тогаш само ја оставила Катја кај родителите. Со неа бил и Стојанче Јовановски.
„Се обидов да ја прашам дали ќе дојде, но не ми одговори ништо“,
рече мајката.
Откакo се вратила во станот, Ивана доаѓала многу ретко. Само се јавувала на мајка си да оди да ја земе Катја од училиште или од вонучилишните активности.
„Неколку пати ја носев во станот, каде што Ивана ме чекаше пред вратата од станот или пред лифтот. Јас ќе ѕирнев, по што ќе си заминев“,
рече жената.
