Според него, ДЗС како институција веќе подолго време се наоѓа во агонија, а покрај недостигот на пилоти, се соочува и со проблеми со сервисот на „ертракторите“
Досегашниот директор на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов, денеска и официјално потврди дека е назначен за нов в.д. директор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).

„По претходен договор со претседателот на Владата Христијан Мицкоски, разрешен сум од позицијата директор на Центарот за управување со кризи. Од денес, вторник, 27 мај, сум в.д. директор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС)“,
вели тој во соопштението испратено до медиумите.
Според него, Дирекцијата за заштита и спасување подолго време се наоѓа во агонија, а покрај недостигот на пилоти, се соочува и со проблеми со сервисот на „ертракторите“.
„Сè уште нема ниту потпишани договори со тимовите за брз одговор, вклучително и со тимовите за гаснење пожари на отворен простор. Воедно, некои од потенцијалните припадници на овие тимови немаат потребна опрема, обука и физичка подготвеност. Инспекцискиот надзор на противпожарната заштита е во исклучително лоша состојба, недостигаат сериозен број соодветно образовани и обучени инспектори, но постојат и сомнежи за исправноста на дозволите што ги издава ДЗС“,
рече тој.
Посочи дека во ДЗС работат само неколку специјалисти за ракување со неексплодирани минско-експлозивни средства, додека отстранетите неексплодирани средства се чуваат на несоодветен начин.
Додаде дека за сите недостатоци на институцијата, јавноста ќе биде информирана во следниот период.
„Позитивно е тоа што внатре во Дирекцијата работат и одреден број соодветно образовани, способни и искусни лица, но, за жал, некои од нив не се наоѓаат на вистинските работни места. Заедно со вработените што ќе покажат амбиција за жестока, напорна и непоколеблива работа, ќе се обидеме да ги надминеме детектираните недостатоци и слабости, со цел брзо ставање на ДЗС во полна функција“,
вели Ангелов.
Најави дека ќе работи на обединување на ЦУК и на ДЗС во една институција, како стратегиска заложба на Владата за воспоставување современ и функционален, интегриран систем за управување со кризи и заштита и спасување, кој ќе има соодветни капацитети да одговори на сите предизвици и ризици, целосно усогласен со стандардите на ЕУ и НАТО.
Инаку, директорска позиција во ДЗС остана празна откако полицијата во рамките на истрагата за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани го уапси Џеват Селами од коалицијата ВЛЕН.