Во име на демократијата и еднаквоста, Владата на ДУИ и министерот Бектеши мора да соопштат што е договорено во Слупчане во однос на плаќањето сметки за струја, вели портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски. Од опозициската партија бараат одговори дали владата која се вмеша во овој должничко-доверителски спор е гарант за жителите на Слупчане дека ќе добијат отпис на долговите или гарант за ЕВН дека ќе ги наплатат парите.
„Дали владата е гарант дека во Слупчане ќе се добие гарантирана месечна наплата за струја, како што бараат од 3.000 денари без разлика колку се троши? Дали владата можеби ќе им ги плати долговите на слупчанци кон приватна фирма, бидејќи парите на крајот сепак ќе бидат наплатени? Дали владата ќе дозволи можеби повисока сметка на струја на државно ниво за да се покрие таа разлика? Ова се реални прашања од граѓаните коишто повторно се ставени во подредена состојба, во позиција од втор ред,“
вели Стоилковски.
Според Стоилковски, случувањата во Слупчане се резултат на криминалот и корупцијата во државата.
„Епска драма за почитување на закон, за плаќање сметки за струја!? Ова е брука! Ова е и резултат на корупцијата, на криминалот, на претприемачкиот дух на младите со презиме Ахмети или Груби, на рекламите на владата на сметките за струја! И секако мора да се даде одговор на прашањето, зошто сега се случува овој проблем, ако се знае дека со само две неплатени сметки ЕВН гаси струјомер насекаде во Македонија? Како се дозволени толкави милионски долгови, а никој не преземал мерки?“,
додава Стоилковски.
Инаку, денеска, како што пренесе МИА, се одржа уште еден состанок меѓу жителите на Слупчане и претставници на ЕВН. На состанокот, како што се наведува, се финализирале техничките детали за реализација на проектот за реконструкција и модернизирање на мрежата. Според најавите, во понеделник се очекува да се одржи уште еден состанок.
Состанокот следува по неколкудневните блокади на жителите на Слупчане кои изминатиот период не им дозволуваа на екипите на ЕВН да влезат во селото. Договор беше постигнат на 27 јули, откако се вклучија локалните власти и Владата.