Рокот за доставување на кандидатурите за пратеници истекува утре на полноќ, а досега само три вонпарламентарни партии поднеле листи
Првите 16 листи со кандидати за пратеници, предложени од три партии, стигнаа во ДИК. Според информации од ДИК, првите листи ги поднеле три вонпарламентарни партии. Рокот за доставување на кандидатурите во Комисијата истекува утре на полноќ.
МОРО – Работничка партија поднела листи со 120 кандидати за сите шест изборни единици во земјава. Глас за Македонија (партијата што ја основаше поранешната пратеничка Солза Грчева) и ГДУ, пак, поднеле по пет листи, односно и двете партии не поднеле листи само во шестата изборна единица.
Извесно е дека и на овие избори ќе нема независни листи за пратеници, со оглед на тоа што ниту една од шест листи што собираа потписи од избирачи не го исполни условот од илјада потписи.
Вечерва на полноќ, пак, истекува рокот за пријавување на нашите иселеници за гласање во дипломатско-конзуларните претставништва во земјава. Проценките на ДИК се дека ќе бидат исполнет условот за организирање избори надвор од земјава, односно дека конечната бројка на пријавени гласачи ќе стигне до околу осум илјади, со оглед на тоа што голем број од пријавите што стигнале во последните часови не се се уште обработени.

Од друга страна, засега нема потврда дали партиите, кои веќе ги утврдуваат своите кандидатски листи за шесте изборни единици во земјава, ќе поднесат и листи со по тројца кандидати од дијаспората.
Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев, денеска на прес-конференција, упати апел до иселениците да ги искористат последните часови од предвидениот рок и да се регистрираат за гласање на 11 април, ден пред изборите во земјава. Според Јанушев, иселениците само така, како што вели, ќе го казнат Зоран Заев и ќе се спротивстават на неговите политики.
„Знаеме дека власта на СДСМ ќе направи сè дијаспората да не гласа, исто како што знаеме дека нашите државјани во странство живеат за Македонија и тие се нераскинлив дел од нејзиниот општествен, економски и политички живот. Нивниот голем интерес за изборите на 12 април само може да го направи поубедлив поразот на Заев“,
изјави Јанушев, неколку часа пред истекот на рокот за регистрирање на гласачите надвор од државата.
Прагот што треба да се постигне на овие избори за да се организира и гласање на дијаспората е околу 6,5 илјади запишани избирачи. Тоа е најнискиот скор од изборите на 11 декември 2016 година со кој е избран последниот пратеник – во овој случај, во шестата изборна единица, каде што одѕивот бил најнизок.
За последните парламентарни избори, во 2016 година, согласно договорот од Пржино, беше сменет моделот на гласање во дијаспората – од мнозински во пропорционален и премиерно беше воведен цензус за избор на пратеник. Со оглед на тоа што на тие избори не беше постигнат најмалиот број гласови со кои бил избран пратеник во 2014 година, во деветтиот парламентарен состав немаше претставници од дијаспората. Тогаш, за гласање во ДКП се пријавија околу 20 500 избирачи, но само 40 проценти од нив или околу 8 200 илјади го искористија правото на глас. На крајот, нешто повеќе од пет илјади гласа за листата на ВМРО-ДПМНЕ не беа доволни за освојување барем еден пратенички мандат.