Пратка од 20 илјади дози од вакцината на „Астра Зенека“ стигна денеска во земјава на скопскиот аеродром. Вакцините се донација од соседна Грција, а според одлуката на здравствените власти ќе се користат само за лицата над 60 години.
„Оваа поддршка од грчката влада, амбасадорот на Република Грција, н.е. Русос Кундурос и грчкиот народ се од голема важност за нас, за што им изразувам благодарност. Солидарноста меѓу пријателските земји во време на ковид-пандемијата покажува колку е важно сите да бидеме сплотени во процесот на имунизација бидејќи тоа е единствениот начин да издвојуваме победа против вирусот ковид-19“,
напиша Филипче на Фејсбук.
Вакцините ги пречека министерот за здравство Венко Филипче, а се приклучил и премиерот Зоран Заев кој во тој момент се враќал од Брисел.
Вчера во земјава стигнаа околу 12 илјади дози „Фајзер“. Од нив, 8 илјади се дел од директните преговори со компанијата да испорачува секој понеделник, а 4 илјади дози се во рамки на програмата „Тим Европа“.
