Од владејачката партија тврдат дека Јакимовски местел тендери и прекројувал детални урбанистички планови за интересите на урбаната мафија

Стевчо Јакимовски е лице ставено на црната листа на САД за криминал и корупција. Јакимовски е јавно обележан од нашите стратешки партнери, како лице вклучено во криминални активности и корупција.
Ова се вели во соопштение до јавноста на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ.
„Стејт департментот прецизно наведува зошто Јакимовски како градоначалник е на црната листа: ‘Во неговото службено својство како градоначалник на Општина Карпош, Јакимовски беше вклучен во коруптивни дејствија, вклучително и користење на својата службена положба за мешање во урбаниот развој и процесите на набавки за да имаат корист за себе и за неговите соработници’. САД јасно прецизираа дека Стевчо Јакимовски како градоначалник ја злоупотребил функцијата за личен бенефит. Јакимовски се мешал во урбанизмот и јавните набавки не за интерес на граѓаните, туку за личен профит и бенефит“,
се вели во партиското соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму тврдат дека Јакимовски местел тендери и прекројувал детални урбанистички планови за интересите на урбаната мафија и како закана по демократијата и владеењето на правото нема што да бара на чело на Карпош.
„Јакимовски е срам за функцијата што ја извршува. Карпош не смее да биде заложник на човек што е симбол на корупција“,
се вели во соопштението на владејачката партија.
Партијата ГРОМ, која ја предводи Јакимовски, своевремено беше дел од коалиции со ВМРО-ДПМНЕ и имаа заеднички настап на изборни циклуси.