„Треба да слушаме што зборува претседателот на САД. Вели дека ако запре војната во Украина, ќе видите што ќе се случи со Балканот. А тоа значи дека многу лесно може да се случи претседателот да биде врховен командант на вооружените сили. Затоа сериозно треба да размислиме кој е тој што и во такви услови треба да ја води Република Македонија“, рече актуелниот градоначалник на општина Карпош
Градоначалниот на општина Карпош и претседател на партијата ГРОМ, Стевчо Јакимовски, и официјално станува кандидат од оваа партија за претседател на државата. Ова попладнево по одржаната седницата на Централниот одбор на ГРОМ го соопшти лично Јакимовски. Рече дека добил поддршка од највисокото раководство на партијата да биде кандидат на партијата за претседател, токму поради, како што посочи, неговото долгогодишно искуство, годините што ги има зад себе, белата коса, но и резултатите кои во неговото работно и политичко дејствување ги направил, како и секогаш јасните политички ставови кои јасно ги изразувал во изминатиот период.

„Граѓанската опција за Македонија одлучи да ме предложи за кандидат за претседател на Република Македонија. Мојата кандидатура не е алтернатива на постоечките, туку сметам дека треба да биде решение да напуштиме еден период во кој одиме постојано по едната или, пак, по другата патека и на крај повторно доаѓаме до истиот резултат, а тоа е резултатот на разочаронаст. Денеска граѓаните на Република Македонија ни се разочарани како никогаш досега, на нив им било тешко и 1893 и 1903 и 1912, 1914, 1941, 1948 и 1963 и 2001 година, но и 1992 кога бевме на распаќето дали да останеме со Југославија или да станеме независна држава, но секогаш имаше надеж дека ќе биде подобро. Бесперспективата е дојдена на највисоко можно ниво“,
рече Јакимовски.
Според него, состојбата во здравството, во образованието, во економијата, во социјалниот свет, процесот на дезинвестирање, услугите на администрацијата, незадоволството од политчките елити, нивото на корупцијата, на криминалот бара едно ново време, во кое, како што вели, треба да храбро да се настапи, да се соберат луѓе кои ја знаат својата работа, кои пред сѐ и над сѐ се луѓе од карактер и кои се спремни да се жртвуваат за доброто на заедницата.
„За жал, ние во изминатиот период сме имале малку политичари за кои светиња било општото добро. За мене општото добро е светиња и во тоа име и натаму ќе продолжам да работам. Битно е за Републиката, ќе биде достоинствена, ќе биде почитувана и горда или, пак, ќе биде понижувана. Фактите говорат дека досега доживуваме само понижување на меѓународната политичка сцена“,
рече Јакимовски.
Има крупни прашања кои во оваа претседателска кампања мора да се одговорат, вели тој, а како пример го посочува што ако до 2030 година не влеземе во Европска Унија и што ако не добиеме датум за преговори.
„Дали и натаму вака ќе седиме и ќе чмаеме други да ни ги решаваат проблемите или ќе наоѓаме ренија за подобар живот на граѓаните. Коронота и сегашниот хаос со пасошите го доведува до израз и го потенцира целиот трулеж на нашето општество. Тоа само покажува дека не дај боже во многу поголеми катастрофи и не дај боже во војни ние не сме подготвени да ги премостиме тие предизвици. Во таква ситуација секој ќе гледа да си ги решава своите проблеми и да се бори за своите граѓани. Ние, надевајќи дека други ќе ни ги решаваат проблемите, ќе ги оставиме граѓаните во корсокак. Во потребата да се настапи храбро на овие избори, да се отворат многу теми“,
рече тој.
Јакимовски посочи дека претседателската функција била потценета, но и дека некои ја направиле и марионетска. Вели дека потценета била и градоначалничката функција додека тој и Ристо Пенов не станале градоначалници, едниот на град Скопје, а другиот на општина Карпош.
Сега, тој рече дека пратеници и министри напуштаат функции за да станат градоначалници.
„Убеден сум дека и претседателската функција може да биде битна и достојна за почит и која ќе ги отвара најбитните процеси во државата, за да видиме како понатаму ќе живееме“,
вели Јакимовски.
Рече дека максимално ќе се бори да се подигне нивото на техничката опременост, на ефикасноста на борбената подготвеност на вооружените сили на Република Македонија.
„Треба да слушаме што зборува претседателот на САД. Вели дека ако запре војната во Украина, ќе видите што ќе се случи со Балканот. А тоа значи дека многу лесно може да се случи претседателот да биде врховен командат на вооружените сили. Затоа сериозно треба да размислиме кој е тој што и во такви услови треба да ја води Република Македонија“,
вели претседателот на ГРОМ.
Уште во ноември минатата година тој рече дека размислува да се кандидира за претседател, иако тогаш посочи дека за тоа не разговарал со политички фактори, но од граѓаните добивал поддршка за претседателска кандидатура.