Директорката на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби Милена Стевановиќ рече дека лекот дексаметазон може да помогне во индивидуални случаи и кога се дава во вистински момент во комбинација со дополнителна терапија.
Таа на денешната прес-конференција, одговарајќи на новинарско прашање за третманот со дексаметазон, рече дека и денеска се разговарало за примената кортикостероидите во третманот на ковид-19. И дека на почетокот од епидемијата, од поискусни колеги, им било сугерирано дека тој не се користи и нема бенефити од тој лек.
„И не само што нема бенефити, туку може и да ги влоши состојбите. Ние како инфектолози и онака малку го користиме тој лек. Но, воведувајќи го интензивното лекување на Инфективната клиника, неговата примена ја најдовме како сериозна корист, се разбира, во комбинација со дополнителни терапии, пред сѐ антибиотски. Да, ние го користевме во овој период, и навистина успеавме да заклучиме дека во вистинскиот момент, кога сметаме дека треба да се даде, имаме и бенефит од лекот“,
рече Стевановиќ.
Таа додаде дека денешните напишани и дефинирани искуства мора да се разбере дека се собрани од една голема бројка пациенти од огромен број различни институции, научно анализирани со обработена статистика и реферирани за корисни.
„Јас сум сигурна дека секоја една ковид-болница, особено како нашата, која е специјалистички комплетно насочена кон третманот на оваа болест, во своите индивидуални искуства го согледале бенефитот и го користеле. А оттаму се и овие заклучоци“,
додаде Стевановиќ.
