Се очекува руската делегација да ја предводи новоименуваниот амбасадор во САД, Александар Дарчиев, а американскиот тим, заменик-помошничката државен секретар, Соната Култер
Претставници на Соединетите Американски Држави (САД) и Русија ќе се сретнат в четврток, на 10 април, во Истанбул, како дел од континуираните напори за нормализирање на активностите на дипломатските мисии меѓу двете земји, кои значително се намалија по руската инвазија врз Украина, соопшти американскиот Стејт департмент, пренесува Би-би-си.
Разговорите ќе се одржат во рускиот конзулат во главниот град на Турција, но нема да вклучуваат никаква дискусија за политички или безбедносни прашања.

„Украина апсолутно не е на агендата. Ќе се разговара исклучиво за функционирањето на нашите амбасади“,
рече портпаролката на Стејт департментот, Тами Брус.
Како што соопшти руското Министерство за надворешни работи, руската делегација ќе ја предводи новоименуваниот амбасадор во САД, Александар Дарчиев, а американскиот тим, Соната Култер, заменик-помошничката државен секретар за надзор на политиката кон Русија и Централна Европа.
Во изминатата деценија, како што пишува Би-би-си, Вашингтон и Москва протераа бројни дипломати и го ограничија назначувањето на нови функционери.
Дипломатските врски беа целосно прекинати по целосната инвазија на Русија на Украина во 2022 година. Сепак, затоплување на односите има со доаѓањето на администрацијата на Трамп.
Во февруари американските и руските претставници се состанаа во Саудиска Арабија, со цел да разговараат за тоа како да се стави крај на војната во Украина.