Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, вчера беше осуден на една година затвор поради непочитување на одлуките на високиот претставник на меѓународната заедница во БиХ, Кристијан Шмит
Портпаролката на Стејт департментот, Тами Брус, на социјалната мрежа Икс објави дека Стејт департментот ја поддржува првостепената пресуда против претседателот на Република Српска, Милорад Додик.
„Ја почитуваме денешната пресуда на Судот на Босна и Херцеговина против претседателот на Република Српска, Милорад Додик“, напиша Тами Брус на Икс.
Таа понатаму додаде дека САД со децении наназад инвестираат во стабилна Босна и Херцеговина.
„Ние цврсто се спротивставуваме на какви било активности на локалните лидери кои би ја поткопале безбедноста и стабилноста. Го поддржуваме суверенитетот и територијалниот интегритет на Дејтон и Босна и Херцеговина“, наведува Тами во објавата.
We acknowledge the Court of Bosnia and Herzegovina's verdict today concerning Republika Srpska President Milorad Dodik.
— Tammy Bruce (@statedeptspox) February 27, 2025
Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, вчера беше осуден на една година затвор поради непочитување на одлуките на високиот претставник на меѓународната заедница во БиХ, Кристијан Шмит. Тој беше прогласен за виновен со првостепената пресуда, додека второобвинетиот, в.д. директорот на Службен весник на РС, Милош Лукиќ, беше ослободен од обвиненијата. Додик е осуден на една година затвор и шестгодишна забрана за вршење на функцијата претседател на РС.
Реагираше и руското Министерство за надворешни работи, од каде што соопштија дека пресудата на Судот на Босна и Херцеговина против Додик „ќе има катастрофални последици за ситуацијата во Босна и Херцеговина и целиот регион“.
„Ги предупредуваме странските учесници во постконфликтниот процес во БиХ, земјите од регионот и целата светска заедница дека доколку се донесе пресуда за вина, тогаш неизбежни се катастрофални последици за ситуацијата во Босна и Херцеговина и на Балканот во целина“, соопшти руското Министерство за надворешни работи.