Како што објави Гласот на Америка, новиот премиер на земјава Христијан Мицкоски не го користеше уставното име во своите јавни изјави за време на Самитот на НАТО во Вашингтон поради што се обратиле до Стејт департментот со прашање дали САД ќе разговараат со новата влада

Договорот од Преспа беше историско достигнување и САД ќе работат со Северна Македонија и Грција за да ги одржат придобивките, стои во одговорот од Стејт департментот на САД, на прашање од сервисот на македонски јазик на Гласот на Америка. Како што објави медиумот, новиот премиер на земјава Христијан Мицкоски не го користеше уставното име во своите јавни изјави за време на Самитот на НАТО во Вашингтон поради што се обратиле до Стејт департментот со прашање дали САД ќе разговараат со новата влада.
„Договорот од Преспа беше историско достигнување во отклучувањето на безбедносните придобивки во Јужна и Источна Европа. САД го поддржуваат овој витален договор, ја повторуваат важноста од негово почитување и ќе работат со сите страни за да ги одржат неговите придобивки“,
одговориле од Стејт департментот.
Во објавата од Гласот на Америка се вели дека Мицкоски изминативе три дена во Вашингтон, во јавните изјави и објави на социјалната мрежа Икс, ја нарекуваше државата Македонија. Тој, како што се додава, јавно официјалното име на државата го кажа неколкупати на дебата во Школата на меѓународни односи на Универзитетот „Џонс Хопкинс“ во Вашингтон.
Медиумот потсетува и дека кога стана премиер, Мицкоски кажа дека дома ќе ја вика државата Македонија, а надвор, во официјален контекст – Северна Македонија.
Самитот на НАТО во Вашингтон, на кој се одбележа 75-годишнината од основањето на оваа организација, се одржа од 9 до 11 јули.