Во делот за слободата на медиумите, повикувајќи се на извештаи на граѓанските организации, се истакнува дека слободата на изразување беше поткопана со стратешки тужби против новинари, несоодветно однесување од страна на јавни службеници во нивната интеракција со новинари, прекумерен притисок врз новинарите кои истражуваат корупција, дезинформации, говор на омраза на интернет и социјалните медиуми и самоцензура
Нема значителни промени во состојбата со човековите права во Северна Македонија во текот на годината, но забележани се сериозни ограничувања на слободата на изразување и слободата на медиумите, вклучително и насилство и закани за насилство врз новинари. Ова се наведува во резимето од Извештајот на американскиот Стејт департмент за 2024 година.
Во делот за слободата на медиумите, повикувајќи се на извешати на граѓанските организации, се истакнува дека слободата на изразување беше поткопана со стратешки тужби против новинари, несоодветно однесување од страна на јавни службеници во нивната интеракција со новинари, прекумерен притисок врз новинарите кои истражуваат корупција, дезинформации, говор на омраза на интернет и социјалните медиуми и самоцензура.
Во извештајот се споменува и дека Владата презела чекори за идентификување и казнување на службените лица кои извршиле злоупотреби на човековите права, како и дека генерално го почитувала уставно загарантираното право на слобода на изразување на медиумите.
Сепак, насилството и заканите врз новинарите се истакнуваат како значајно прашање, а се споменуваат и конкретни случаи на закани врз новинарите Лепа Џундева и Фуркан Салиу.
„Здружението на новинари на Македонија пријави повеќе инциденти на насилство и вознемирување на новинари. ЗНМ забележа особено зголемување на насилството и вознемирување на новинарки“,
се наведува во Извештајот на Стејт департментот.
Во извештајот се споменува носењето на измените на Законот за аудио-визуелни медиумски услуги во февруари, со што се дозволи рекламирање на кампањи со „висок јавен интерес“ платени од Владата преку комерцијални радиодифузери, што предизивика загриженост кај независните медиумски здруженија кои го толкуваа како враќање кон широко распространета корупција во медиумите и клиентелизам.
Во посебен дел од извештајот се споменуваат цензурата и заканите за тужба кон новинарите од владини претставници.
„Клеветата и навредата беа граѓански прекршоци и таквите закони беа спроведувани. Владата и поединци користеа закани од Граѓанскиот или Кривичниот закон за да ја ограничат јавната дискусија или да се одмаздат против новинари, критичари или политички противници. ЗНМ објави дека од 20 септември четири новинари биле предмет на стратешки судски тужби (SLAPPs), поднесени во текот на годината од Министерството за внатрешни работи, директорот на ТВ Канал 5, членови на религиозни организации, политичари и бизнисмени. Од 2021 година до 17 септември, Здружението на новинари регистрира 25 кривични пријави за злоупотреба на новинари,“
се посочува во Извештајот.