Богоев вели дека врвен приоритет на работењето ќе биде и борбата против шверцот и корупцијата преку интензивирана соработка со релевантните институции кои работат на оваа проблематика

Стефан Богоев денеска ја презеде директорската функција во Царинската управа.
Неговата претходничка Славица Кутиров, на примопредавањето на функцијата, го информирала Богоев за делокругот на работата, како и за тековните и за планираните проекти и активности на Царинската управа.
Кутиров исто така му посакала успех во продолжувањето на мисијата за заштита на финансиските интереси на државата и општеството, поддржувајќи го економскиот развој преку олеснување на трговијата, меѓународната соработка и понатамошна модернизација на Царината.
Богоев, по преземањето на функцијата, на Фејсбук објави дека фокусот на Царинската управа ќе биде заштита на финансиските интереси на државата и општеството и силна поддршка на економскиот развој преку соработка со бизнис-заедницата, олеснување при процедурите и дигитална трансформација, со цел да биде водечка Царинска управа во регионот која ќе дава силна поддршка на локалната економија и ќе биде усогласена со стандардите на Европската Унија.
„Дополнително, забрзување на процесите на иницијативата ‘Отворен Балкан’ со која се поврзуваме со Србија и Албанија за развој на нашите економии, за заеднички регионален и единствен пазар без ограничувања, без бариери, без граници и за негов долгорочен развој кој ќе донесе подобар живот за сите граѓани“,
напиша Богоев на неговиот фејсбук-профил.
Тој додава дека врвен приоритет на работењето ќе биде и борбата против шверцот и корупцијата преку интензивирана соработка со релевантните институции кои работат на оваа проблематика.
„Не смееме да дозволиме примери на можеби корумпирани индивидуалци да фрлат дамка на работењето на чесните професионалци во Царинската управа“,
додава Богоев.
Богоев дојде на местото на Кутиров, откако таа, како што рече, си поднесе оставка од лични причини.