Поранешните министери за финансии од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Ставрески, Кирил Миновски и Трајко Славевски, кој е и актуелен претседател на Советот на Град Скопје, ќе го советуваат министерот за финансии, Фатмир Бесими
Во новото советодавно тело на министерството влегуваат и останати екс министри за финансии, меѓу кои, Џевдет Хајредини, Таки Фити и Никола Поповски
Министерот за финансии, Фатмир Бесими, и поранешни функционери на оваа позиција денеска заеднички покренале иницијатива за формирање Совет, како експертско тело, кое ќе биде дел од Скопје економски и финансиски форум (СЕФФ) и во чии рамки ќе се разгледуваат актуелни прашања и теми за кои е потребен консензус во општеството.
Иницијативата, како што соопшти Министерството за финансии, произлегла од средбата на министерот Бесими со поранешни министри за финансии од осамостојувањето на државата, Џевдет Хајредини, Таки Фити, Никола Поповски, Зоран Ставрески, Трајко Славески и Кирил Миноски. Останатите поранешни министри, од објективни причини, не присуствувале на средбата, но интенцијата е и тие да бидат дел од Советот.
„Советот на поранешни министри за финансии ќе претставува тело кое ќе функционира како дел на СЕФФ и ќе биде активен во текот на целата годината за прашања и теми важни за економскиот развој на земјата. Улогата на Советот е да даде солидна основа на Форумот во градењето кредибилни економски политики преку инклузивен и транспарентен процес. Тоа ќе биде, пред се, тело на експертско ниво во кое искуството и знаењето на членовите ќе претставуваат додадена вредност во креирањето на политиките“,
соопштија од ресорното министерство.

Оттаму велат дека на средбата се размениле мислења за економските перспективи, но и за актуелните прашања, како и предизвици кои произлегуваат од пандемијата со ковид-19, енергетската криза, притисокот на цените на светската берза, но и за потребата за раст на економијата.
