Почетокот на примената на овој систем на заеднички контроли што ќе ги спроведуваат полициските службеници на двете држави беше означен со симболично потпишување на Протоколот за извршување на гранични проверки на премините од страна на министрите за внатрешни работи на С Македонија и Србија
Побрз проток на патници во текот на летната туристичка сезона, како и поедноставување на транзитот на стоки треба да овозможи системот „One stop control“ на граничните премини „Табановце“ од македоска и „Прешево“ од српската страна чиј старт денеска го промовираа министрите за внатрешни работи на С Македонија и Србија, Панче Тошковски и Ивица Дачиќ.

Почетокот на примената на овој систем на заеднички контроли што ќе ги спроведуваат полициските службеници на двете држави беше означен со симболично потпишување на Протоколот за извршување на гранични проверки на премините од страна на двајцата министри.
На свечениот настан, исто така, беше потпишан и протокол за соработка на полициите на двете земји за време на летната и зимската туристичка сезона. Со овој протокол, како што информираа, ќе се регулира меѓусебното испраќање на полициски службеници за помош на туристичките места и настани во зависност од потребите, што веќе функционира изминатите неколку години.
Што се однесува до системот „One stop control“, тој предвидува патниците да се задржуваат само на една контролна точка каде ќе се проверуваат нивните документи
Министерот за внатрешни работи на земјава, Панче Тошковски во своето обраќање на настанот кажа дека со официјалниот старт од денеска ќе се овозможи побрз проток на патници и помалку чекање за време на летната сезона.
„Сигурен сум дека ќе се намали времето на чекање и ќе се забрза трансферот на патници на границата. Освен потпишувањето на протоколот којшто ги детализираше сите потребни факти за да функционира заедничкиот граничен премин, од македонска страна беше потпишан протоколот којшто би требало да овозможи размена на полициски службеници во рамки на оние туристички центри коишто ги имаме по потреба во рамки на одредени сезони. Да не потпишуваме засебни договори, протоколи, во рамки на еден генерален протокол го дефинираме начинот на заедничка соработка. Исто така, во текот на денешната средба со тимот од МВР од Србија, разговаравме и во насока на заедничка поддршка, помош поврзана со каква било кризна состојба во Србија и Македонија“,
рече Тошковски.
Објаснувајќи го функционирање на системот за гранична контрола, српскиот министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ рече дека полициските службеници на земјата домаќин ќе бидат овластени покрај влезната гранична контрола да ја завршат и излезната гранична контрола на соседната земја.

На настанот, беше посочено дека за време на годишните одмори, но и за време на празниците токму на овој граничен преминс е создава метеж од возила и патници.
„Нашата соработка е исклучително добра и сакаме да ја продолжиме во сите сегменти, вклучувајќи ја и соработката во вонредни состојби како што се пожарите“,
рече Дачиќ, потсетувајќи на ангажманот на српски хеликоптер во гасењето на ланските шумски пожари во земјава.
Покрај тоа, тој рече и дека двете земји постигнале добри резултати и во борбата со илегалната миграција.
Како што наведе српскиот министер, државната граница на Србија со Северна Македонија е најоптоварена точка кога е во прашање илегалната миграција.
„Во првите шест месеци регистрирано е намалување за 26 проценти на незаконските преминувања, во споредба со истиот период од минатата година“,
кажа Дачиќ, најавувајќи строги контроли и во иднина кои треба да помогнат во справувањето со вој проблем.
Одговарајќи на новинарски прашања за граничниот премин Лојане – Миратовац, двајцата министри кажаа дека не се задоволни од напредокот на инфраструктурата, најавувајќи дополнителен ангажман.
„И јас не сум задоволен, како и министерот Дачиќ од аспект на резултатите поврзани со тој граничен премин. Има доста слабости во делот на инфраструктурата. Се надевам дека и Србија и Македонија ќе бидеме фокусирани да може да одговориме на потребите на нашите граѓани уште подобро“,
рече Тошковски.
Министерот Дачиќ рече дека анализите покажале слаба реализација во однос на инфраструктурата за овој граничен премини и дека ќе се настојува таа да се подобри во следниот период.