Шкотската премиерка Никола Старџен го предупреди британскиот премиер Борис Џонсон дека не може да ја задржи Шкотска во Обединетото кралство против волјата на земјата, пренесуваат британските медиуми.
Џонсон и неговата влада повеќепати укажаа дека нема да дозволат втор референдум за независност на Шкотска, но откако Шкотската национална партија освои 48 од 59-те места за Шкотска во парламентот на Обединетото кралство, Старџен изјави дека нејзината партија доби мандат за нов референдум.
„Ако тој си мисли…, дека со тоа што кажа ‘не’ е крајот на дискусијата, тогаш тој греши“, рече Старџен во интервју со Ендрју Мар на Би-би-си.
„Не можете да ја држите Шкотска против нејзината волја…Доколку Обединетото кралство продолжи да постои, тоа може да биде само со согласност. И доколку Борис Џонсон е уверен во однос на обединувањето тогаш тој треба да биде доволно уверен за да го направи тоа и да им дозволи на луѓето да одлучат“, рече Старџен.
Заменик-министерот за финансии на Британија Риши Сунак денеска соопшти дека премиерот Џонсон има намера законот за Брегзит да го достави во Парламентот до Божик, по што владата ќе го претстави и новиот буџет.
„Најважната работа во овој нов мандат е да се заврши Брегзит … Ние ќе ја напуштиме Европската унија за неколку недели, до крајот на јануари. Нашата намера е да го донесеме предлог-законот за повлекување пред Парламентот пред Божик, рече Санак за Би-би-си.