Најпогодени категории производи се текстил, скапоцени камења, накит, обувки, спортска опрема, мебел и хемикалии – при што вкупните царини се меѓу највисоките во трговската политика на САД, споредливи со оние за Бразил и Кина

Царините од 50 отсто на американскиот претседател Доналд Трамп за Индија стапија во сила, неколку недели откако американскиот претседател издаде извршна наредба со која се воведува дополнителна казна од 25 проценти за Индија поради купување руска нафта и оружје.
Одлуката за царините следува по пет рунди неуспешни разговори, за време на кои индиските претставници сигнализираа оптимизам дека американските царини би можеле да бидат ограничени на 15 отсто.
Новите царини се закана за илјадници мали извозници и работни места, вклучително и во матичната држава Гуџарат на премиерот Нарендра Моди.
Најпогодени категории производи се текстил, скапоцени камења, накит, обувки, спортска опрема, мебел и хемикалии – при што вкупните царини се меѓу највисоките во трговската политика на САД, споредливи со оние за Бразил и Кина.
Ројтерс, повикувајќи се на функционер на Министерството за трговија кој сакал да остане анонимен, пишува дека извозниците погодени од царините ќе добијат финансиска помош и ќе бидат охрабрени да се диверзифицираат на пазари како што се Кина, Латинска Америка и Блискиот Исток.
Во известување од Царинската и гранична заштита на САД до шпедитерите се вели дека е предвидено тринеделно ослободување за индиска стока што била натоварена на брод и во транзит кон САД пред крајниот рок на полноќ – до полноќ на 17 септември. Овие стоки сè уште можат да влезат во САД по претходни пониски царински стапки.
Исто така, ослободени се челикот, алуминиумот и неговите деривати, патничките возила, бакарот и другите стоки кои подлежат на посебни тарифи до 50 отсто според Законот за национална безбедност и трговија.
Претходно овој месец индискиот премиер Нарендра Моди даде ветување дека ќе ги намали даноците за да го ублажи нивното економско влијание.
Тој ги повика сопствениците на мали продавници и бизнисите пред своите објекти да залепат табли со натпис „Произведено во Индија“.
„Треба да станеме самостојни – не од очај, туку од гордост. Економската себичност е во пораст глобално и не смееме да седиме и да плачеме за нашите тешкотии, мора да се издигнеме над нив и да не дозволиме другите да нè држат во своите канџи“,
вели тој.