Размислувања за санкции не се на дневен ред на ЕУ и секоја одлука за режимот на санкции бара едногласна поддршка на сите земји членки на Унијата, вели портпаролот на ЕК
Европската Унија не смета дека треба да ги коментира последните одлуки на САД за Западен Балкан, а членките на ЕУ не размислуваат за санкции против партнерите во регионот, рече портпаролот на Европската комисија Петер Стано во Брисел.
„Не е ЕУ таа што треба да ги коментира потезите на американската администрација. ЕУ има своја политика кон Западен Балкан. Тоа го покажа и со тоа што една од клучните точки на неодамнешниот состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ беше ангажманот и соработка со партнери на Западен Балкан“,
додаде портпаролот на ЕК.
Стано, кој е портпарол на високиот претставник на ЕУ, Жозеп Борел, одговараше на новинарски прашања за тоа како ЕУ гледа на одлуката на американската влада да ги казни оние што ја загрозуваат стабилноста на Западен Балкан и дали Унијата има намера да користи слични потези за подобрување на состојбите во регионот.
Официјалниот претставник на ЕК посочи дека е многу силен фактот дека високиот претставник на ЕУ, Жозеп Борел, ја обнови традицијата на неформални средби со лидерите од Западен Балкан и нагласи дека ангажманот на ЕУ во регионот останува многу силен.
„Размислувања за санкции не се на дневен ред на ЕУ и секоја одлука за режимот на санкции бара едногласна одлука на сите земји членки на Унијата“,
заклучи Стано.