Споредено со вториот квартал, каде што биле регистрирани 754 продажби на новоградби, во третото тримесечје се забележува раст за 183 продадени нови недвижности

Највисока цена на стан по квадратен метар во третиот квартал од годинава е постигната во Општина Центар, каде што еден стан со вкупна површина од 91 квадратен метар е продаден за 280 000 евра. Ова значи дека купувачот платил 3 000 евра за еден квадратен метар, покажуваат најновите податоци од Агенцијата за катастар на недвижности.
Податоците од Регистарот на цени и закупнини откриваат значителен раст на пазарот на новоградби во периодот јули–септември 2025 година.
Во третиот квартал на државно ниво се регистрирани 845 продадени новоизградени станови кои се од инвеститор, што е за 169 станови повеќе во споредба со вториот квартал. Вкупно, во Регистарот се евидентирани 937 продажби од инвеститор, од кои 845 се станови, 89 куќи и две гаражи.
Споредено со вториот квартал, каде што биле регистрирани 754 продажби на новоградби, во третото тримесечје се забележува раст за 183 продадени нови недвижности.
Од Агенцијата за катастар велат дека досега се запишани и 26 463 листови за предбележување градба, што укажува дека голем број објекти се во фаза на градба и наскоро ќе го збогатат пазарот.
Анализата на купопродажбата по типови на недвижности покажува дека најголемиот број купопродажби припаѓаат на купопродажби на станови, со 32 проценти.
Според општините, најголем број продадени станови се евидентирани во скопската Општина Аеродром со 275 стана, додека Центар е на второ место со 236 продажби. По нив следат Чаир (133), Гази Баба (121), Кисела Вода (114) и Карпош (103).
Најголем број продадени куќи, пак, има во Битола, и тоа 71. Во другите градови, Охрид забележал 99 продажби на станови, Тетово 84, а Струмица 83.
Што се однесува до деловниот простор, најмногу продажби, по 22, се регистрирани во општините Аеродром и Центар.