Оттаму потсетуваат дека развиеноста на едно демократско општество се мери и по разбирањето на улогата на медиумите во него, како и по прагот на толеранција кон критика кој го имаат функционерите, а кој по правило треба да биде повисок со оглед на тоа што вршат јавна функција

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) денеска реагира и искажува загриженост од моделот на однесување кон новинарите на претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова која при вчерашното гостување во емисијата „Вин-вин“ на ТВ Телма искажа „сериозни навреди кон колегата Боби Христов, притоа користејќи недолични зборови за функцијата којашто ја извршува“.
Сиљановска-Давкова, се вели во денешното соопштение од ССНМ, во забелешка на начинот на комуникација и поставувањето прашања од страна на Христов говореше дека не било пристојно да се говори за луѓе што не се присутни на ТВ-дебата и искористи квалификации „фрустрирачки“, „малициозно“ и „не личи на новинар“.
Од Синдикатот велат дека претседателката ја коментирала емисијата „Топ тема“ која на почетокот од оваа седмица била емитувана на истиот медиум, а во која уредникот Боби Христов на гостите им поставил прашање „колку е погорда Македонија со Гордана Сиљановска-Давкова една година на претседателската функција“.
„ССНМ се сложува со претседателката Сиљановска-Давкова дека медиумите и новинарите влијаат на перцепцијата на јавноста, но укажува дека оценката на работата на новинарите и медиумските работници која е јавна треба да биде со внимателно одбрани и издржани зборови, а не со лични квалификации за тоа дали некој личи или не личи на новинар, односно дали е фрустриран и малициозен“,
се вели во денешната реакција од ССНМ.
Оттаму потсетуваат дека развиеноста на едно демократско општество се мери и по разбирањето на улогата на медиумите во него, како и по прагот на толеранција кон критика кој го имаат функционерите, а кој по правило треба да биде повисок со оглед на тоа што вршат јавна функција.
Според Синдикатот, загрижува фактот дека оваа изјава доаѓа само неколку недели по извештајот на „Репортери без граници“, според кој падот на Македонија на индексот за слобода на медиуми е резултат, меѓу другото и на лошата оценка за политичкиот индикатор, односно дека е забележано „функционери имаат тенденција да имаат лоши и понижувачки ставови кон новинарите“.
Европскиот акт на слобода на говорот на медиумите, од ССНМ велат дека ваквите пораки до новинарите изнесени јавно ги толкуваат како директно мешање во уредувачката политика на медиумите и притисок врз слободата на новинарите.
Од ССНМ ја повикуваат претседателката Гордана Сиљановска-Давкова да се воздржи од изјави кои може негативно да влијаат на слободата на новинарите, а во продолжение и на кревките демократски односи во земјава.