Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), денеска со згрозеност реагира на нападите, навредите и клеветите изнесени на порталот „ДоказМ.мк“ кон новинарката Мирослава Брнс, кои меѓудругото се и сексистички и задираат во приватниот живот.
„Какви било клевети и навреди од овој тип се неприфатливи, а особено се неприфатливи во јавната дебата, односно кога се појавуваат како реакција на еден професионално изработен и реализиран текст на нашата колешка. Сметаме дека треба да се стави крај на времето кога на факти и аргументи се одговора со лични дисквалификации, а во случајов тоа е кренато на ниво, не на ‘уличарски’ јазик, туку на монструозни конструкции кои ни оддалеку не се во допир со текстот на кој се реагира“,
се вели во соопштението од ССНМ.
Од Синдикатот бараат фелата и општеството во целост да се солидаризира во општа и општествена осуда на овој начин на „полемизирање“ без аргументи, а исклучиво со монструозни навреди и клевети.
Ова, како што се истакнува, е и од аспект дека на порталот „ДоказМ“, се рекламираат реномирани компании.
„На овој начин излегува и дека еден дел од важните македонски стопански субјекти поддржува ваков дискурс на јавна расправа“,
се вели во реакцијата од ССНМ, од каде и даваат поддршка на колешката Бурнс и ја охрабруваат побара својата сатисфакција по судски пат.
Новинарката на „Слободен печат“, Брнс, на својот фејсбук-профил денеска објави дека на порталот „ДоказM.мк“ е објавен текст со навредлива содржина за неа и побара извинување во рок од 48 часа за неточната вест и за навредите кон неа.
Таа, исто така, сподели дека повторно била навредувана од сопственикот на порталот кога му се јавила и лично да побара извинување од него.
