Доколку не се исполнат барањата, синдикатот најавува генерален штрајк
Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) в недела ќе излезе на протест пред Собранието и пред Стопанската комора за да го изрази незадоволството од неизгласувањето на законското решение со кое недела се прогласува за неработен ден. Освен тоа, ќе бараат и минималната плата да изнесува 60 отсто од просечната плата, а спирално зголемување на сите другите плати согласно колективните договори.
Неизгласувањето на законот за прогласување на недела за неработен ден, што требаше да започне на први октомври, претседателот на ССМ, Дарко Димовски, смета дека е причина за тоа 92 отсто од работниците да не можат да одмораат во недела, а осум проценти од работниците што работат во дејности каде што не може да прекине работниот процес не земаат 50 проценти поголема дневница за работа во недела.
„Револтирани сме од односот на пратениците. Законот недела да биде неработен ден, кој требаше да важи од 1 октомври, не е изгласан. Работниците во моловите, кои треба да работат само од 10 до 18 часот, не земаат дневница зголемена за 100 проценти. Исто така, по основа на данок за работа во недела, во Буџетот на РСМ не се влеваат даночни средства во износ од три проценти со кои треба да се изградат нови градинки за нашите деца“,
посочува Димовски во однос на неизгласувањето на законот за недела да е неработен ден.
Барањето, пак, за минималната плата да достигне 60 отсто од просечната и спиралното зголемување на останатите плати, ССМ го темели на најавите за пораст на цената на струјата од јануари и на зголемените цени на прехранбените производи
„Поради економската криза предизвикана од пандемијата и најавената енергетска криза каде што РКЕ кажува дека од 1 јануари ќе се зголеми цената на струјата за минимум 20 проценти, бараме минималната плата да изнесува 60 проценти од просечната плата или 18 илјади денари, а сите останати плати да растат скалесто согласно колективните договори“,
истакнува Димовски.
Дел од барањата на Синдикатот се и враќање на правото за регрес на годишен одмор за сите работници во Општиот колективен договор за јавен сектор и пензионирање по неколку основи – за жени со 35 години и за мажи со 40 години стаж, без разлика на нивната возраст. Потоа пензионирање според дејности, предвремена пензија со 60 години старост и 15 години стаж, кога работникот кој не се чувствува физички способен, да зема минимум 70 проценти од пензијата додека не ги исполни условите за целосна пензија.
Протестот ќе почне на пладне пред зградата на ССМ, по што ќе продолжи пред Собранието и пред зградата на Стопанската комора на Северна Македонија.
Доколку не се исполнат барањата, синдикатот најавува генерален штрајк.