Според Трендафилов, веќе не држат изговорите на Владата дека работниците и работодавачите треба да седнат и да се договорат за зголемување на минималната плата
Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) го доби решението за репрезентативност и најави дека на утрешната седница на Економско-социјалниот совет (ЕСС) ќе го отвори прашањето за 500 евра минимална плата и за 6 000 денари дополнително зголемување на сите други плати.
Оваа информација ја потврди и претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, посочувајќи дека утре е добра можност Владата да покаже дека се грижи за работниците, а пратениците пред локалните избори да донесат брзи законски измени и да утврдат минимална плата од 500 евра.

Според него, синдикалната минимална кошничка што ја пресметува ССМ лани е зголемена за 6 500 денари, а годинава само делот за храна и пијалаци од завршувањето на последната мерка пораснала за 2 000 денари или за 150 евра се зголемени трошоците за живот за едно четиричлено семејство.
Затоа, како што рече, веќе не држат изговорите на Владата дека работниците и работодавачите треба да седнат и да се договорат за зголемување на минималната плата.
„Минималната плата од 400 евра во Македонија е пониска од онаа во Србија, Црна Гора, БиХ, Словенија и Хрватска. Владите во регионот им даваат поддршка на работниците, а тоа треба да го направи и Владата во Македонија“,
кажа тој.
Повикувајќи се на Евростат, Трендафилов вели дека 55,7 отсто од работниците и граѓаните во земјава не можат да си дозволат годишен одмор ниту седум дена во бунгалов во Дојран, а тоа, додаде дека треба да ги загрижи креаторите на политиките.
Од ССМ изминатиот период бараат зголемување на минималната плата на најмалку 500 евра, зголемување на сите други плати за 100 евра, почитување на колективните договори и зголемување на сите плати на работниците.