„Пред одлука сме за генерален штрајк во јавниот и во приватниот сектор, кој, според размислувањата, треба да трае 24 часа и за време на штрајкот нема да се извршуваат работните задачи. Секој работник сам ќе бира дали ќе протестира и штрајкува“, изјави претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, во пресрет на утрешната блокада на Владата
Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) утре пред Владата ќе ја одржи последната од неколкуте блокади на институциите со кои бара зголемување на минималната плата на 600 евра и зголемување на сите останати плати за 100 евра. Утрешната блокада пред влезовите на владиниот објект е закажана за 11 часот претпладне.

„Последната блокада е пред Владата поради тоа што таа ги блокира работничките плати долг период – период за кој вредноста на синдикалната кошница е зголемена за 9 250 денари. Падна и последниот аргумент на владините претставници кои заедно со газдите го зборуваат периодов, дека работниците не биле продуктивни. Работниците се премногу продуктивни за платите кои ги примаат односно само 17 проценти од она што го создаваат како капитал на работодавачите се слева во платите на работниците. Еден работник месечно зема минимална плата од 24 379 денари, а 290 000 денари е продуктивноста која ја создава работникот за работодавачот“,
изјави претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов.
Доколку по утрешната блокада не се наиде на разбирање, претседателот на ССМ најави дека Синдикатот ќе одржи уште еден голем протест и генерален штрајк кој, според најавите, би траел 24 часа.
„Пред одлука сме за генерален штрајк во јавниот и во приватниот сектор. Работниците бараат од ССМ да повика на генерален штрајк онака како што тоа го прават нивните колеги во Грција, Белгија, Франција и други држави. Генералниот штрајк, според размислувањата, треба да трае 24 часа и за време на штрајкот нема да се извршуваат работните задачи. Секој еден работник сам бира дали ќе протестира и штрајкува“,
изјави Трендафилов.
По големиот протест на 28 јануари, од кој побара зголемување на минималната и на сите останати плати во државата, ССМ одржа со блокади на Собранието и Стопанската комора. Барањето за покачување на платите ССМ го темели на порастот на животните трошоци и растот на вредноста на синдикалната потрошувачка кошничка.
