Сојузот на синдикатите на Македонија најостро ги осуди заканите кон вработените во ЈП „Комунална хигиена“ по објавеното видео во медиумите на кое се слуша како директорката на претпријатието упатува закани и навреди кон вработените
ССМ го осудува потегот на раководството да избрка од работа поголема група вработени, вклучувајќи го и претседателот на синдикатот на „Комунална хигиена“, Дели Дардишта, исклучиво поради, како што велат од ССМ, неговата борба за правата на работниците.

„Укажуваме дека на претседател на синдикат не може и не смее да му се откажува договор за вработување и дека ССМ ќе ги искористи сите расположливи механизми за заштита на претседателот Дели Дардишта од нечовечкиот однос на раководството во ЈП ‘Комунална хигиена’. Сојузот на синдикатите на Македонија целосно ги поддржува вработените во ‘Комунална хигиена’ Скопје кои веќе неколку дена изразуваат револт кон раководството бидејќи отпуштени биле десетици вработени, но и поради тоа што не им се исполнуваат барањата за зголемување на платите, К-15 и бенефициран стаж. Последната одлука на раководството, при што, според работниците, без никаква причина не им се продолжени договорите на десетици нивни колеги, а многумина бидејќи протестирале во минатото добиле опомена за отказ, само ја прелила чашата. Затоа апелираме својата неспособност функционерите да не ја кријат со обвинувања кон вработените“,
велат од ССМ.
Синдикалците ја пренесуваат информацијата дека работниците им се извинуваат на граѓаните затоа што не се собира сметот и нагласуваат дека револтот е исклучиво против раководството на ЈП „Комунална хигиена“.
Вработените во ЈП „Комунална хигиена“ неколку дена протестираат со барања за повисоки плати и враќање на работа на отпуштените колеги. Директорката Косана Мазнева доцна синоќа со полициска придружба се сретна со дел од вработените од кои побара да го прекинат протестот и да се вратат на работа. Таа кажа дека состојбата е резултат на политички блокади од поединци за кои поднела кривични пријави.
Разговорите меѓу двете страни ќе продолжат в понеделник, а дотогаш нема решение за проблемот со ѓубрето.