Сојузот на синдикати најави ребрендирање за поголема ефикасност и видливост за заштитата на правата на работниците. „Здружени со иста цел“ е новиот назив под кој ќе дејствува ССМ, а целта како што наведуваат останува заложбата за намалување на сиромаштијата, поголеми плати и подобри услови за работниците.
„Ваквото ново и ребрендирано дејствување на ССМ е негова определба и предизвик и за претстојниот период во кој ќе настојуваме нашите ангажмани да бидат поефикасни и повидливи за членството и работниците. Ги очекуваме нивните иницијативи и насоки затоа што сите ние сме здружени со иста цел – остварување, заштита и унапредување на работничките права“
велат од ССМ.
Од Синдикатот додаваат дека во услови на „ново нормално“ се покажало дека социјалното партнерство е единствено можно решение за креирање на политики и стратегии и дека сите социјални партнери треба и мора да дејствуваат здружени за иста цел – национален опстанок и развој.
„Членството е нашата сила, неговата доверба е наша моќ и мотив за дејствување, сите ние заедно здружени во ССМ сме насочени кон иста цел – обезбедување на достоинство на трудот и работата изразено преку: повисоки ,реални и фер плати , намалување на сиромаштијата , социјална сигурност , унапреден социјален дијалог, здрави и безбедни услови за работа , заштита на човековата околина , солидарност и еднаквост без дискриминација по ниеден основ“,
се наведува во соопштението.
