Од ССМ велат дека нивниот предлог е порастот на платите на вработените во јавниот сектор и на функционерите да биде на еднакви принципи без дискриминација согласно договорените принципи во Општиот колективен договор за јавен сектор
Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) поднесе предлог до Собранието за намалување на платите на функционерите за 78 отсто. Со поднесувањето на овој предлог од ССМ велат дека бараат итни измени на член 11 од Законот за плата и другите надоместоци на пратениците во Собранието и другите избрани и именувани лица во државата.
Од ССМ велат дека нивниот предлог е порастот на платите на вработените во јавниот сектор и на функционерите да биде на еднакви принципи без дискриминација согласно договорените принципи во Општиот колективен договор за јавен сектор.
„Правилата за работниците да важат подеднакво и за функционерите, па доколку Владата смета, дека зголемување на платите од 10 отсто од септември 2023 година и утврдување на методологија за пресметка на платите по принципот просечна бруто плата и коефициент на сложеност на работното место, но започнувајќи од 1 март 2025 година за работниците, истиот принцип функционерите треба да ги применат и за себе. Затоа ССМ го дава овој предлог токму во таа насока на примена на еднакви принципи за платите на сите вработени во јавен сектор и избрани и именувани функционери без оглед дали тоа е на централно или на локално ниво“,
се наведува во соопштението од ССМ.
Оттаму наведуваат дека ССМ во изминатиот период укажувал до сите избрани и именувани функционери дека нелогично е драстично да се зголемат платите на функционерите особено во време кога работниците, граѓаните и пензионерите се соочени со справување со последиците од економската, здравствената и воената криза, зголемените трошоци за живот – инфлацијата и растот на синдикалната минимална кошница.
Според ССМ, синдикалците и граѓаните не гледаат испорачани резултати од страна на функционерите на планот на подобрувањето на општествениот и економскиот развој ниту, пак, како што велат, видовме зголемен ангажман и зголемена продуктивност на функционерите за потоа да добијат ваквото енормно зголемување на платите од 78 отсто.
Одлуката за зголемување на платата на избраните лица и функционерите беше донесена откако од Уставен суд се барало оценка на уставноста на членовите 4 и 1, а не членот 11 од Законот за плата и други надоместоци на избраните и именувани лица и дека воопшто не било поставено прашањето според кој процент ќе се зголемат или намалат платите.
Уставните судии велат дека нивните одлуки се конечни и треба да се почитуваат, меѓутоа овие одлуки не забрануваат законодавецот, односно Собранието, да направи законски измени кои потоа извршната власт ќе ги применува. Улогата на Уставниот суд е да изврши оценка дали законите се во согласност со Уставот, рекоа од судот по донесената одлука.
Одлуката на Уставен суд беше објавена во Службен весник на 23 март и таа е конечна.
На одлуката на Уставен суд прв реагираше претседателот Стево Пендаровски кој рече дека е невкусно во време на економска криза да се покачуваат платите кои се исплаќаат од државниот буџет и ја повика Владата да се најде законско решение со кое ќе се регулира прашањето преку намалување на бодовите.