По повод 7 Октомври – Светскиот ден на достоинствената работа, од Сојузот на синдикати на Македонија посочуваат дека нема достоинствена работа без достоинствени плати кои ќе ги задоволат реалните егзистенцијални потреби на работниците и нивните семејства
Платите во државата значително заостануваат зад реалните животни трошоци, создаваат сиромаштија, поттикнуваат масовна миграција и затоа нивното зголемување е итно и неопходно – велат од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) по повод 7 Октомври – Светскиот ден на достоинствената работа.

„Нема достоинствена работа без достоинствени плати кои ќе ги задоволат реалните егзистенцијални потреби на работниците и нивните семејства. Нема достоинствена работа без реални, одржливи и сигурни работни места, со договори за работа на неопределено време. Не се согласуваме со привремените и повремените работни ангажмани со минимална заработувачка, без платени придонеси и без никаква социјална заштита и сигурност со што се залагаме за мерки и активности за сузбивање на сивата економија и непријавената работа“,
велат од ССМ.
Сојузот на синдикати на Македонија бара социјален договор и дијалог кој ќе обезбеди фер можности и социјална сигурност, почитување и заштита на работничките права, институции што работат во интерес на работниците и граѓаните и институции кои нема да бидат под влијание на корупција и дневните политики.
Посочуваат дека достоинствена работа може да се постигне доколку социјалните партнери, синдикатите, работодавачите, Владата, невладиниот сектор, експертската и стручна јавност се обединат и ефикасно ги реализираат заеднички креираните активности во насока на развој на економските и општествените односи, но и со целосно почитување на работничките и граѓанските права.