Бидејќи 14 март е неработен ден (сабота), од Синдикатот порачуваат дека никој нема изговор за отсуство. За работниците од внатрешноста ќе биде организиран бесплатен превоз, за што деталите ќе бидат објавени во наредните денови

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) најави голем работнички протест кој ќе се одржи на 14 март со почеток во 12:05 часот. Протестниот марш ќе започне пред Работничкиот дом, а ќе продолжи кон Собранието, Стопанската комора и Владата.
Од Синдикатот велат дека барањата се јасни – зголемување на минималната плата на 600 евра и зголемување на сите останати плати за најмалку 6 000 денари.
Од ССМ нагласуваат дека законското усогласување од 1 667 денари е недоволно, особено во услови кога трошоците за живот само во јануари и февруари 2026 година се зголемени за повеќе од 2 000 денари.
Според податоците од Управата за јавни приходи, вели, една третина од вработените во државата земаат плата под 30 000 денари, и затоа, посочи дека масовноста е клучна за исполнување на барањата.
„Изминатите денови видовме како власта за да не ги зголеми работничките плати, се обиде да спинува дека ќе ги намали функционерските плати, но реалноста е дека за еден час, сите сложно изменија шест закони со кои си ги бетонираат нивните високи плати и со тоа покажаа дека тие се грижат само за себе, а не и за Вас“,
вели претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов.
Трендафилов додаде дека за да молчат и да го поддржуваат минималното усогласување на штета на работникот квазисиндикалците добиваат месечни паушали од 15 000 денари.
Бидејќи 14 март е неработен ден (сабота), од Синдикатот порачуваат дека никој нема изговор за отсуство. За работниците од внатрешноста ќе биде организиран бесплатен превоз, за што деталите ќе бидат објавени во наредните денови.
„Оваа година 1 мај се паѓа на 14 март. Секој што нема да излезе на улица, индиректно дава поддршка на политиката на ниски плати“,
вели Трендафилов.
Тој ги отфрли обвинувањата за политичка заднина на синдикалните активности нагласувајќи дека ССМ нема да дозволи собирање политички поени на грбот на работничката мака.
Политичките партии, вели, имале можност да ги покачат платите додека биле на власт, а не да нудат поддршка само кога се во опозиција.
Прашан на која политичка партија алудира со ваквата изјава за политички игри, Трендафилов рече „и со СДСМ, и со ВМРО-ДПМНЕ, и со сите политички активни субјекти во Македонија“.
За тоа дали синдикатот останува на најавата за организирање генерален штрајк, претседателот на ССМ потврди дека таквите одлуки се веќе донесени, но нивната конечна реализација ќе зависи исклучиво од поддршката на терен.
