Ако до 22 јуни не се исполни барањето за линеарно зголемување на платите до 2 806 денари во јавниот сектор, Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) најави дека секаде каде што се синдикално организирани во јавниот сектор, односно војската, полицијата, образованието, здравството, комуналните претпријатија општините, управата, администрацијата ќе стапат во генерален штрајк со прекин на извршување на работата на работните места

Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) денеска најави дека ќе стапи во генерален штрајк од 22 јуни, секаде каде што е синдикално организиран во јавниот сектор ако дотогаш, односно до 21 јуни, Владата не ги исполни нивните барања.
Ова на денешната прес-конференција го соопшти првиот човек на ССМ, Дарко Димовски, кој уште еднаш ги повтори нивните барања, а тоа се потпишување на општиот колективен договор каде што ќе се утврди линеарно зголемување на платите од 2 806 денари за сите работници во јавниот сектор и, како што додаде, враќање на изгубеното право на регрес од 2023 година во износ од 30 до 100 проценти од просечната плата во државата.
„Доколку ова не се случи до 21 јуни, на 22 јуни ССМ, онаму каде што е синдикално организиран, ќе ги повика сите работници како членови, но и сите останати незадоволни работници да ги прекинат нивните работни процеси на работните места и да изразат едно големо незадоволство или, како што велиме ние, да направиме еден голем генерален штрајк“,
рече Димовски.
Ваквата одлука за генерален штрајк доаѓа откако вчера претставниците на ССМ имаа средба со владините претставници, но не постигнаа договор во врска со нивните барања. Од Владата, како што рече претседателот на ССМ, не велат ништо по однос барањето за линеарно зголемување на платите за 2 806 денари, кое, како што додаде, самите го предлагаа.
„Министерот Бесими тоа го нема предвидено во ребалансот на буџетот, а истите нè убедуваа дека тоа ќе се случи со ребалансот на Буџетот и во Законот за извршување на Буџетот бидејќи тие средства се наменски за платите на работниците“,
рече Димовски.
Тој упати апел до Владата за прифаќање на нивното барање за линеарно зголемување на платите и додаде дека не се работи за голема сума на пари, а дека таа е неопходна за, како што рече, амортизирање на ценовните шокови и двоцифрената инфлација.
Во спротивно, од 22 јуни, како што рече Димовски, секаде онаму каде што се синдикално организирани во јавниот сектор, односно војската, полицијата, образованието, здравството, комуналните претпријатија општините, управата, администрацијата ќе стапат во генерален штрајк со прекин на извршување на работата на работните места.