Од ССМ велат дека со блокадата ќе биде испратена порака до пратениците дека тие се оние кои го блокираат законот за зголемување на минималната плата повеќе од една година и кои не сакаат да ја прифатат иницијативата на ССМ за намалување на функционерските плати
Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) најави дека денеска во 9 ќе го блокира пристапот до Собранието со што ќе почне блокади на институции кои, како што велат од синдикатот, го кочат зголемувањето на минималната плата. Ќе бидат блокирани улиците „Даме Груев“ и „11 Октомври“ кај зградата на Собранието.

Од ССМ велат дека со блокадата ќе биде испратена порака до пратениците дека тие се оние кои го блокираат законот за зголемување на минималната плата повеќе од една година и кои не сакаат да ја прифатат иницијативата на ССМ за намалување на функционерските плати.
„Пратениците се уште се прават глуви на иницијативата на ССМ за зголемување на минималната плата и на останатите плати за 100 евра, како и за последната иницијатива на ССМ за намалување на нивните плати за 80 проценти, односно да си ја намалат основицата за пресметка на плата од просечна на минимална плата и да ги намалат нивните коефициенти на сложеност“,
изјави вчера претседателот на ССМ Слободан Трендафилов.
Претседателот на Собранието Африм Гаши, вчера посочи дека Законодавниот дом денеска ќе работи паралелно со протестот на ССМ. Тој очекува протестот да помине мирно и како што додаде, ќе нема дополнително обезбедување на објектот.
„Нема да има специјално обезбедување на Собранието. Шефот на мојот кабинет се сретна со началниците во МВР, тие си имаат редовни безбедносни протоколи. МВР ги презема сите свои мерки. Се надевам дека се ќе биде мирно и ќе тече се како што треба. Така, тие ќе си протестираат, ние ќе си работиме“,
кажа Гаши вчера на брифинг со новинарите.
Тој изрази очекување дека само влезовите за возила ќе бидат блокирани, како што најавија од Синдикатот.
„Не верувам дека некој пратеник нема да дојде пеш“,
рече тој.
На прашање дали пратениците се расположени за исполнување на барањата на работниците за 600 евра минимална плата и за линеарно зголемување за 6 000 денари на сите останати плати, Гаши рече дека секоја партија ќе си заземе свој став.
Премиерот Христијан Мицкоски завчера го повтори ставот дека минималната плата ќе се зголеми согласно законот и оти за Владата е неприфатлив предлогот државата одреден период да ги финансира придонесите на работодавачите за тие да ја зголемат минималната плата.
„За минималната плата нашиот став е јасен – да, ќе ги зголемиме минималните плати соодветно на законското решение, а ако постигнат договор меѓу себе работодавачите и работниците, ние ќе го поддржиме и ќе поздравиме. Но, тогаш ќе треба да го нивелираме и овој договор, што го имаме сега, со овие две гранки, зашто тогаш во пресметката, во методологијата, усогласувањето со минималната плата ќе дојде премногу големо, зголемено за одреден процент, а тие пари во Буџетот ние ги немаме“,
рече Мицкоски, кој најави дека коефициентите за платите на функционерите ќе се корегираат согласно законот, до крајот на февруари.
