Претходно пратениците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ најавија дека ќе поднесат предлог-закон за измени на Законот за трговија бидејќи според нив со постојните измени ѝ е нанесен тежок удар на туристичката и трговската дејност, оти во недела и за празници има најголема фреквенција на купувачи во туристичките места
Пратениците да работат во недела во туристичките центри и на своја кожа да почувствуваат како им било на работниците од трговијата, кои не знаеја ниту за викенд, ниту за празник, ниту за неработен ден, а вработените кои одмараат во недела со задоволство да ги посетат пратениците кои ќе работат во трговија и во туристичките центри.
Ваква е реакцијата на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) кој денеска соопшти оти ќе поднесе ваква иницијатива до Собранието за пратениците кои најавија дека ќе поднесат измени на Законот за трговија.
„Ќе побараме од пријателот на работниците, претседателот на Собранието Талат Џафери да го стави таквиот предлог по скратена постапка на собраниска седница и ќе ги повикаме сите пратеници да им го овозможат правото на дополнителна работа во недела на пратениците од политичката партија која размислува да поднесе предлог-закон со кој сака да им го скрати тоа право на работниците“,
наведува ССМ во денешната реакција.
Со ова, велат од ССМ, ќе им се овозможи на пратениците кои сакаат да поднесат измени на Законот за трговија, да видат како е да се работи во недела.
Претходно пратениците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ најавија дека ќе поднесат предлог-закон за измени на Законот за трговија бидејќи според нив со постоечките измени и е нанесен тежок удар на туристичката и трговската дејност, оти во недела и за празници има најголема фреквенција на купувачи во туристичките места.
Од Сојузот на синдикати, пак, потсетуваат дека измените на Законот за трговија, со кои недела се прогласи за неработен ден, се донесени врз основа на темелна анализа.
„Притоа, со законските измени ССМ и социјалните партнери обезбедија можност специјализираните продавници или киосци во туристичките места под услови со закон да работат, предвидена е и можноста за работа на моловите, штандови и киосци за време на спортски настани, фестивали, саеми, манифестации и слично, како и предвидена е можноста во продавници за трговија на мало со храна, пијалаци и слично, работата да ја вршат лично сопствениците на продавниците“,
велат од ССМ, а пренесе МИА.
На овој начин, додаваат оттаму, сметаат дека се покриени сите потреби на туристите во туристичките места од аспект на трговските услуги, со тоа овие работници кои ќе бидат ангажирани за работа во недела имаат право на додаток на плата за работа во недела и за празници најмалку во висина од 100 проценти за секој час поминат на работа, како и право на неделен одмор во друг ден од неделата.