Ова, како што вели претседателот на ССМ, е само првиот од низата чекори што ќе бидат преземени во следниот период, а ќе подразбираат дополнителни протести, таргетирани блокади на институции и 24-часовен генерален штрајк во јавниот и приватниот сектор
Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) в среда излегува на протест на кој ќе го изрази незадоволството поради неисполнетото барање за зголемување на минималната плата на 600 евра и зголемување на сите други плати за 100 евра. Синдикатите ги повикаа сите работници на кои не им е зголемена платата да се приклучат на протестот чиј почеток е закажан во 17 часот пред зградата на ССМ во Скопје.

„Ги повикуваме сите работници на кои не им се зголемени платите, сите работници кои се чудат како да врзат крај со крај во месецот, работниците кои газдите ги лажеле дека ќе им ги зголемат платите, да ни се придружат на улица. Ги повикуваме работниците затоа што прагот на сиромаштија е 31 200 денари во Македонија, а 33 проценти од 540 илјади работници живеат под прагот на сиромаштија односно одат на работа, а се сиромашни“,
порача претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов.
Ова, како што вели Трендафилов, е само првиот од низата чекори што ќе бидат преземени во следниот период, а ќе подразбираат дополнителни протести, таргетирани блокади на институции и 24-часовен генерален штрајк во јавниот и приватниот сектор. Вели дека според анкетата на ССМ, работниците изразиле подготвеност да излезат на протести доколку не добијат зголемување на платите.
„Доколку нема слух, ќе собереме 10 000 потписи, ќе станеме овластен предлагач и ќе побараме намалување на функционерските плати за 78 проценти, зголемување на минималната плата на 600 евра и зголемување на другите плати. Уште денеска можат да ги зголемат платите, но нема да го направат тоа ниту, пак, ќе нè повикаат на разговор. Сè додека не ги зголемат работничките плати и сè додека слушаме само ‘ќе’, дотогаш работниците ќе бидат незадоволни и ќе протестираат“,
истакна Трендафилов.
Сојузот на синдикати повеќе од една година бара зголемување на минималната плата, а барањето го темели на постојаниот раст на трошоците за живот.
