Организаторите на протестниот марш уверуваат дека ќе се почитуваат мерките за заштита од ковид-19
„Здружени со иста цел“ е мотото на синдикалниот марш во Скопје со кој Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) годинава ќе го одбележи Меѓународниот ден на трудот – 1 Мај, во услови на здравствена криза предизвикана од ковид-19.
Маршот ќе почне пред зградата на ССМ во 10:30 часот, со, како што најавуваат организаторите, запазување на сите мерки и препораки за заштита од ковид-19.
„Празникот на работниците го одбележуваме загрижени за своето и за здравјето на нашите семејства, за голем број од нас во услови на намалени плати, откази на договорите за вработување и грижа за нашата елементарна егзистенција. Ги повикуваме сите работници што ги препознаваат нашите вредности и заложби да се приклучат во семејството на ССМ, семејство на рамноправни членови, работници и граѓани, кои не сакаат само да критикуваат, туку сакаат директно да се вклучат со сиот свој капацитет и потенцијал, во креирањето и градењето на државата“,
се наведува во соопштението на ССМ за синдикалниот марш.
