Од ССМ бараат, како што рече Трендафилов, судиите Шпенд Деваја, Наке Георгиев и Исамедин Лимани да бидат разрешени од функцијата вршење на судија во постапка спроведена со закон
Барањето за разрешување на тројцата судии кои ја имаат донесено одлуката за конфискување на Работничкиот дом, стигна во Судскиот совет. Папките со стотици документи, докази дека Работничкиот дом е изграден од работниците, денеска ги предаде претседетелот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов.
Од ССМ бараат, како што рече Трендафилов, судиите Шпенд Деваја, Наке Георгиев и Исамедин Лимани да бидат разрешени од функцијата вршење на судија во постапка спроведена со закон.
Судиите, рече Трендафилов, ја искористиле поставеноста на Врховниот суд во судската хиерархија, против чија одлука не постои ефикасно правно средство во домашниот правен поредок.
„Денеска сме тука пред Судскиот совет да поднесеме барање за утврдување на одговорност на тројцата судии. Со носење на пресудата за одземање и конфискација на работничкиот дом, Наќе, Шпенд и Исамедин, кои не заслужуваат ниту да бидат нарекувани судии, намерно и неоправдано направиле крупна и непрофесионална грешка која има тешки последици, поради што истите не се достојни за натамошно вршење на функцијата судија“,
рече Трендафилов.
Тој упати порака до државниот правобранител да се воздржи од преземање какви било чекори против работниците и Сојузот на синдикати на Македонија бидејќи, како што рече, сè уште постојат правни механизми во државата, како и пред меѓународните организации.
„Одговорност ќе бараме од сите. Имаме правни механизми и пред меѓународните организации кои ќе ги добиеме и штетата што ќе ја направат, доколку направат таков чекор да ја упишат сопственоста на зградата на име на Република Македонија, а на штета на работниците ќе ја платат скапо за неколку месеци поради изборите“,
додаде Трендафилов.
Минатата недела од Судскиот совет рекоа дека веќе е пристигната претставката која Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) ја најави, а во врска со пресудата на Врховниот суд за одземање на имот на Синдикатот, конкретно на зградата Работнички дом во Скопје.
Од Судскиот совет, во соопштението објавено на неговата официјална интернет-страница, информираат дека претставката е веднаш распоредена кај член на Советот и дека во тек е постапка по неа.
Откако од ССМ соопштија дека Врховниот суд донел пресуда со која се одзема зградата Работнички дом во Скопје, која од почетокот на нејзината изградба во 1958 година е во сопственост на Сојузот на синдикати на Македонија, од Врховниот суд ја објавија пресудата по туженото барање од државата за враќање на Работничкиот дом во нејзина сопственост.
Од Врховниот суд нагласуваат дека се одлучувало по тужба од државата, а дека претседателката на судот не учествувала во одлучувањето по предметите, ниту, пак, има надлежност и овластување да влијае во донесувањето на одлуките.
Во образложението на пресудата се наведува дека Врховниот суд на Република Северна Македонија одлуката ја донел врз основа на член 82 од Законот за здруженија на граѓани и фондации („Службен весник на Република Македонија“ бр.31/1998), според која имотот и средствата доделени на општествените организации и здруженија на граѓани, добиени на користење од страна на поранешните општествено-политички заедници и самоуправни интересни заедници, се државна сопственост.