Овој вид притисок е со цел пратениците да го изгласаат законот за минимална плата од 18 000 денари
Сојузот на синдикати на Македонија објави дека 300 членови на штрајкувачките одбори и синдикалните одбори донеле едногласна одлука за организирање различни форми на притисок со цел да се зголеми минималната плата на 18 000 денари.
„Одлука за организирање на собир пред Собранието на Македонија на 10.02.2022 година со почеток во 11 часот со општ повик до сите граѓани, работници и синдикати за поддршка на пратениците веднаш да го изгласаат законот за минимална плата од 18 000 денари и спирално зголемување на останатите плати. Одлука за организирање други облици на притисок, блокирање на фабрики, институции и патишта со предходна најава и организација, соопштија од ССМ“,
објавија од ССМ на својата Фејсбук страница.
Синдикатите, работодавачите и Владата вчера не се договорија за зголемувањето на минималната плата. Заеднички е оценето дека постоечкиот модел на усогласување на минималната плата не е добар за ниту една страна.
Од Владата најавуваат дека ќе го разгледаат новиот предлог на Бизнис конфедерацијата – државата да го субвенционира зголемувањето на минималната плата, по што следната недела повторно се очекува да продолжат разговорите.
Од Синдикатото вчера изразија неадоволство од односот на работодавачите, а ја охрабрија Владата да застане на нивна страна.
„Очигледно е дека работодавачите си гледаат само за нивните фирми, за нивниот капитал. Еден нефер и некоректен однос од работодавачите, а Владата излезе со одлична анализа која кажува дека моделот што го предлагаат ССМ и другите синдикати е најприфатлив и опстоен во идните години. Ја охрабрувам Владата цврсто да застане рамо до рамо со работникот и да го даде тоа што го бараме. Да не се молиме за минимална плата од 18 000 денари и скалесто зголемување на сите други плати“,
изјави претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Дарко Димовски.
Работодавачите сметаат дека нивниот модел е најприфатлив. Според нивните пресметки, минималната плата би требало да изнесува нешто над 16 300 денари.