Туроператорите или туристичките агенции што организираат патувања ќе имаат обврска една недела пред патувањето да ги информираат граничните служби за личните податоци на патниците, како име и презиме и бројот на патната исправа, истакна првиот човек на Туристичко-угостителската комора при Сојузот на стопански комори, Аркан Керим, кој вчера учествуваше на самиот на „Отворен Балкан“ во Охрид, додавајќи дека на тој начин автобусите нема да се задржуваат многу на граничните премини
Иницијативата „Отворен Балкан“ е исклучително важна бидејќи ќе ја унапреди економската соработка во регионот, што сега е потребно повеќе од кога било ако се земат предвид сите негативните фактори што ги зесегаат бизнисите, граѓаните и општествата пошироко, смета првиот човек на Сојузот на стопански комори, Трајан Ангелоски, кој вчера учествуваше на самитот на иницијативата во Охрид.
„Ние како претставници на бизнис-заедницата ставаме акцент на забрзување на протокот на луѓе и стоки, што е од особено значење за непречено одвивање на деловните активности. Во таа насока истакнуваме иницијатива за воспоставување на зелена линија за движење на патници и туристички автобуси во земјите кои се дел од ‘Отворен Балкан’,
истакна Ангелоски.
Претседателот на Туристичко-угостителската комора при Сојузот, пак, Аркан Керим, појасни дека иницијативата се однесува на организираните туристички автобуси за кои би се овозможило брз проток на граничните премини во земјите учеснички од „Отворен Балкан“ како и за организирани туристички посети кои доаѓаат од трети земји.
„Автобусите сега се задржуваат на граничните премини два до три часа што е навистина загубено време. Ова е проблем на речиси сите гранични премини. Затоа и ја истакнуваме оваа иницијатива која ќе има значаен позитивен ефект. Туроператорите или туристичките агенции кои ги организираат патувањата ќе имаат обврска една недела пред патувањето да ги информираат граничните служби за личните податоци на патниците како име и презиме и бројот на патната исправа“,
појаснува Керим.
Претставниците на Сојузот во рамките на самитот остварија средби со високите претставници на државните институции од другите земји како и со претставниците на стопанските комори на кои меѓу другото акцент се стави на големиот потенцијал за развој на туризмот.
„Нашата иницијатива беше одлично прифатена бидејќи сите се соочуваме со истиот проблем. Се договоривме заеднички да работиме на реализација на оваа идеја, секој во својата земја и до септември да се обидеме ова да го имплементираме во пракса“,
истакнува претседателот на Туристичко-угостителската комора.
За реализација на оваа иницијатива позитивно окружување создава и Меморандумот за разбирање за соработка во областа на туризмот, кој го потпишаа министри од нашата земја, Албанија и од Србија. Со овој документ се предвидуваат активности за заедничка промоција на регионот како атрактивна туристичка дестинација.