Шукова најави дека Ѓорче Петров нема да биде третирано како периферија, туку како точка од која започнува вистинското поврзување
Кандидатката за градоначалничка на Град Скопје од СДСМ, Каја Шукова, денеска најави зелен кеј, модерни вело-рути и безбедни јавни простори во Ѓорче Петров.

„Кејот во Ѓорче Петров требаше да биде симбол на урбано зеленило и активен живот. Жителите на Ѓорче Петров заслужуваат многу повеќе од кал, трње и лажни ветувања. Се сеќавате што ветија? Зелен спортски кеј, 40 километри вело и екокоридори. А што добија жителите, ниту спорт, ниту зеленило, само запуштен простор и уште едно разочарување. Ѓорче Петров е оставена општина, како да не е дел од Скопје“,
истакна Шукова во изјава за медиумите.
Таа го посочи конкретниот потег од Влае до Хром, долг само еден и пол километар, како вистинска слика за, како што рече, неработењето и игнорирањето на основните потреби на граѓаните од страна на ВМРО-ДПМНЕ. Според неа, тоа не е само урбанистички, туку и политички пропуст, симбол на нефункционален град.
Шукова најави проект за целосно уредување на овој простор. Планирана е, како што нагласи таа, современа, безбедна и зелена пешачко-велосипедска патека која ќе стане дел од континуирана, урбана врска помеѓу Ѓорче Петров, Карпош, Центар, Аеродром и Гази Баба, вистинска зелена оска низ срцето на градот.
„Во фокусот е создавање на простор којшто не служи само за транзит, туку за живот. Решенијата опфаќаат уредено корито, ново зеленило, јавни простори достапни за сите генерации и нов урбан пулс којшто ја враќа довербата на граѓаните во можноста за уреден, функционален и здрав град“,
рече таа.
Шукова најави дека Ѓорче Петров нема да биде третирано како периферија, туку како точка од која започнува вистинското поврзување.