Семејствата на загинатите во пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани маршираа од Паркот на револуцијата, поминувајќи покрај трговскиот центар, Полициската станица, завршувајќи кај зградата на судот во Кочани. Порачаа дека бараат правда за предвреме згаснатите животи на нивните деца, браќа и сестри, а со маршевите продолжуваат наредната година по божиќните празници

Семејствата на загинатите во пожарот во кочанското т.н. кабаре „Пулс“ денеска го одржаа последниот „Марш за ангелите“ за оваа година, марширајќи по кочанските улици.
Низ солзи и болка одржаа емотивни говори во кои порачаа дека ова не е само марширање, туку одење со срце што е скршено засекогаш.
„Ние сме родителите што нема да дочекаат матура. Нема да стојат гордо на дипломирање. Нема да облечат свечена облека за свадба. Нема да ги земат во раце своите внучиња. Сè што требаше да дојде, ни беше одземено… Болка од последниот повик, од последната прегратка, од сознанието дека нашите деца умирале во ужас, во чад, во страв, оставени без заштита, без одговорност, без спас. Нашите домови се полни со тишина, со нивните соби што останаа исти, со облека што уште го носи нивниот мирис, со подароци што нема кому да се подарат,“
рече Васка Стојанова, мајка на загинато момче.
Александар Наунов, татко на загинатата Надица Наунова, рече дека таа утре ќе наполнела 18 години, но сите планови што ги имале токму за роденденот згаснале на кобниот 16 март.

„Таа не замина по Божја волја. Таа беше земена. Земена од корупцијата, од немарот, од системот што требаше да штити, а не да убива. Од институции што потфрлија, од луѓе што свртеа глава, од полиција и власт што дозволија смртта да стане секојдневие. Од тој ден, јас повеќе не живеам како порано. Јас опстојувам како татко што останал без срцето. Единствената моја молба до Господ е да ми даде сила и живот да го дочекам денот кога ќе се избориме за правдата – за правдата на сите деца, а пред сè за правдата на моето дете“,
рече тој.
Семејствата на загинатите млади луѓе маршираа од Паркот на револуцијата, поминувајќи покрај трговскиот центар, Полициската станица, завршувајќи кај зградата на судот во Кочани.
Порачаа дека бараат правда за предвреме згаснатите животи на нивните деца, браќа и сестри, а со маршевите продолжуваат наредната година по божиќните празници.
