Лицето Д.Д., кое почина во полициското одделение во Бор непосредно по неговото приведување, според првичните информации починало поради срцев удар, за потоа во медиумите да се појават информации дека аутопсијата покажала сосема други наоди
По наредба на Вишото јавно обвинителство, Секторот за внатрешна контрола во српското МВР започна истрага за утврдување на фактите и околностите под кои почина лицето Д.Д., кој беше еден од осомничените во случајот со малата Данка во Полициското одделение во градот Бор.
„Доколку се утврди дека имало злоупотреби и пречекорувања на овластувањата при постапување со починатиот Д.Д., Секторот за внатрешна контрола на МВР ќе поведе соодветни законски мерки против лицата кои го прекршиле законот и полициската етика, а јавноста за тоа ќе биде информирана во навремено“,
се вели во соопштението на српското МВР.
Иако првично беше објавено дека Д.Д кој воедно е брат на еден од двајцата главни осомничени за убиството на Данка, починал како резултат на срцев удар, сепак одредени медиуми пласираа неофицијални информации дека обдукцијата покажала дека тој го загубил животот од телесни повреди, а не од инфаркт. Од српското МВР затоа велат дека насловите што се појавија во некои таблоиди се тенденциозни и неточни и дека имаат за цел да извршат притисок врз членовите на МВР кои својата работа ја вршат професионално и согласно законот.
Од друга страна, адвокатот Родољуб Шабиќ оцени дека дури три случаи на неприродна смрт за краток временски период во полициските станици во Бор и Србобран и во институцијата за извршување на кривични санкции во Падинска Скела се крајно алармантни предупредувања за состојбата и проблемите во функционирањето на државниот репресивен систем.
