Комеморативни собири се одржаа и во текот на денот во неколку градови низ државата. Единаесетмесечнината од трагедијата беше одбележана во 11:52 часот, а граѓаните, стоејќи во тишина, им оддадоа почит на 16-те загинати
Студентите во блокадата вечерва одржаа протестни прошетки во Белград, Нови Сад и Ниш, но и во уште неколку помали градови низ Србија, оддавајќи почит на жртвите што пред 11 месеци загинаа по падот на натстрешницата на Железничката станица во Нови Сад.

Во Белград, студентите во блокадата се собраа пред Железничката станица во центарот на градот, од каде се упатија до Железничката станица во Нови Белград, преку мостот „Газела“.
Претставниците на студентите во блокадата се обратија до насобраните и побараа промени во општеството, повторувајќи дека нивните барања се уште не се исполнети.
Ги повикаа граѓаните на Србија да учествуваат на големиот собир во Нови Сад на 1 ноември, на годишнината од падот на натстрешницата на Железничката станица.
„Следниот месец се навршува една година од падот на бетонската натстрешница. Ние, студентите, ве повикуваме да одржите помен низ цела Србија, но и да бидете со нас во Нови Сад, централното место на трагедијата. Да бидете солидарни со нашите колеги од Универзитетот во Нови Сад, како и со семејствата што ги загубија децата, роднините и пријателите“,
соопштија тие на вечерашниот собир.
Од крајот на минатата година, низ цела Србија се одржуваат масовни антивладини протести предводени од студентите, со кои се бара одговорност за несреќата во Нови Сад.