Групата од 80 студенти се очекува денеска да тргнат на турнеја низ европските институции каде што ќе ги претстават своите барања, како и упорноста и посветеноста на студентите во борбата за правда во Србија
Српските студенти велосипедисти синоќа стигнаа во Стразбур – крајната дестинација на која тргнаа од Србија на 3 април за да се обратат до европските институции и да ги истакнат своите барања.

Таму беа пречекани од поголема група луѓе која извикуваше „Пумпај, пумпај“. Поставен беше црвен тепих за пречек на студентите, кој беше поставен во сите градови во кои беа на патот до Стразбур.
На студентите им посака добредојде претставничка на градоначалничката на Стразбур, Жан Барсегијан.
Групата од 80 студенти се очекува денеска да тргнат на турнеја низ европските институции каде што ќе ги претстават своите барања, како и упорноста и посветеноста на студентите во борбата за правда во Србија.
Студентите поминаа низ Унгарија, Словачка, Австрија, Германија и на крајот стигнаа во Франција, а на сите места низ кои поминаа беа организирани свечени дочеци.
Во фокусот на барањата на студентите кои повеќе од четири месеци ги блокираат факултетите во Србија е утврдување на кривична и политичка одговорност за смртта на 16 лица при уривањето на натстрешницата на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември 2024 година. Објавувањето на комплетната документација за реконструкцијата на станицата е клучното барање што студентите го поставија до српските институции.