Студентите организираа кампања за собирање потписи во повеќе од 100 општини и градови во Србија. Порачаа дека собраните потписи нема да бидат испратени до ниту една институција како формално барање за распишување избори туку, како што наведоа, ќе им даде можност да видат колку има поддршка за предвремени избори
Српските студенти во блокада објавија дека речиси 400 000 граѓани го поддржале нивното барање за распишување предвремени парламентарни избори во Србија.

„Оваа акција ни докажа дека дури и по повеќе од една година постојана борба, волјата и силата не исчезнуваат“,
објавија студентите на социјалните мрежи.
Студентите организираа кампања за собирање потписи во повеќе од 100 општини и градови, на повеќе од 500 штандови низ цела Србија. Порачаа дека собраните потписи нема да бидат испратени до ниту една институција како формално барање за распишување избори туку, како што наведоа, покрај вмрежувањето со граѓаните, тоа ќе им даде можност да видат колку има поддршка за предвремени избори.
Дента кога студентите ја организираа акцијата, српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека ќе го прифати главното барање на академиците и дека изборите ќе се одржат наскоро, следната година.
Клучното барање на студентските протести кои се организираат низ цела Србија повеќе од една година е да се утврди одговорноста за смртта на 16 лица при уривањето на кровот на железничката станица во Нови Сад. На почетокот на мај годинава, кон овие барања студентите го додадоа и распишувањето предвремени избори.
