Вонредната епидемиолошка состојба сега се претвори во неповолна, со значително намалување на бројот на нови случаи на инфекција со ковид-19, но загрижува бројот на смртни случаи
Епидемиолозите во Србија се незадоволни од трендот на подобрување на епидемиолошката состојба. Бранислав Тиодоровиќ, член на Кризниот штаб за борба против коронавирусот, утрово за РТС оцени дека динамиката не е онаа што ја очекувале.
Тој вели дека вонредната епидемиолошка состојба сега се претвори во неповолна, со значително намалување на бројот на нови случаи на инфекција со ковид-19, но загрижува бројот на смртни случаи.
„На некои места го намаливме бројот на први прегледи на два или три пати. Сепак, сè уште имаме голем број на оние кои завршуваат фатално“,
рече Тиодоровиќ.
Тој го посочи Нови Пазар, каде сè уште постои висок тренд на заболувања и дека децата се во полоша состојба во овој бран епидемија.
„Знам дека нашите колеги педијатри се борат за живот“,
рече Тиодоровиќ, нагласувајќи дека тоа се претежно деца кои имале вродени предиспозиции.
Зборувајќи за вакцинацијата на деца против ковид-19, тој рече дека се прават сериозни истражувања и дека вакцинацијата на децата може да започне до крајот на годината или малку подоцна, бидејќи „Фајзер“ работи на вакцина за деца на возраст од седум до 15 години.
Во Србија од утре, според одлуката на Кризниот штаб, сите ученици од основните и од средните училишта се враќаат на физичка настава.