Телевизијата Н1 на својот интернет-портал го пренесе текот на целиот разговор помеѓу рускиот претседател Владимир Путин, како домаќин, и српскиот патријарх Порфириј
Српскиот патријарх Порфириј од понеделникот е во неколкудневна посета на Москва. Придружуван од митрополитот бачки Иринеј, тој вчера имаше средба со рускиот претседател Владимир Путин, на која присуствуваше и московскиот и патријарх на цела Русија, Кирил.

Тема на разговор биле блиските односи меѓу Српската и Руската православна црква, односите меѓу двете земји, споменот на папата Франциск, но и „обоената револуција“ во Србија, како што во разговорот ги нарекол Порфириј протестите кои со месеци се одржуваат во Србија, а се организирани од студентите по падот на натстрешницата на Железничката станица во Нови Сад, при што загинаа 16 лица.
Телевизијата Н1 на својот интернет-портал го пренесе текот на целиот разговор помеѓу рускиот претседател Владимир Путин, како домаќин, и српскиот патријарх Порфириј.
„Ваша Светост! Дозволете ми да ве поздравам срдечно во Москва, како и овде во овие одаи – тука има посебна атмосфера. Многу ни е мило што ве гледаме. Знам дека Српската православна црква дава значаен придонес во зајакнувањето на односите меѓу нашите народи, кои традиционално ги одржуваат најтоплите, најблиските и најдоверливите сојузнички односи. Дозволете ми да ви го честитам Велигден. Тоа е нашиот заеднички светол празник“,
рекол Путин.
Потоа тој се осврнува на руско-српските односи, за кои вели дека секогаш имале посебен карактер, додавајќи дека тоа е случај и денес.
„Ова е, меѓу другото, затоа што нè поврзуваат силни, длабоки, духовни заеднички корени. Секогаш ни е мило што ве гледаме. На 9 мај го очекуваме претседателот на Србија (Александар Вучиќ) во Москва на прославите по повод Победата во Големата патриотска војна. Знаеме дека ситуацијата на Балканот не е едноставна и свесни сме за вашите напори за зајакнување на позицијата на Србија, вклучително и за важноста на Соборот на Српската црква што го одржавте. Добре дојдовте!“,
рекол рускиот претседател.
Патријархот Порфириј, одговарајќи на зборовите на Путин, прво се извинил што не зборува добро руски, но додал оти за тоа ќе му помогне владиката Иринеј.
„Христос воскресна! Се надевам дека Воскресението е нашиот пат и нашата реалност, фактот на нашата вера. Тоа значи дека победата е позната и дека зависи од Божјата волја. Наше е да го правиме она што зависи од нас. Сакав да ви се заблагодарам за сè што правите на ниво на вредности. Затоа што основата на вредностите – без вредности, без идеологија – не идеологија во психолошка смисла, како што веќе кажавте, туку во суштинска смисла – е невозможно да се живее. Сè зависи од верата: како што веруваме, така е и нашиот живот, нашите зборови и така натаму, Знаете, како што и сами рековте, односите меѓу нашите Цркви во минатото секогаш биле односи на љубов и заемна помош меѓу Руската и Српската црква“,
рекол Порфириј, на што патријархот на Руската православна црква одговорил потврдно.
Поглаварот на Српската православна црква потоа истакнал дека и неговите претходници биле поврзани со патријарсите на Руската црква.
Тој и бачкиот митрополит Иринеј го цитирале претходниот патријарх Иринеј, кој рекол дека „малиот српски брод, кој плови низ немирно море, секогаш треба да биде врзан за голем руски брод“.

„Сакав да кажам дека го чувствуваме тоа и веруваме дека е вистина. Морам да кажам дека тоа веќе го знаете, но треба повторно да се каже: српскиот народ на рускиот народ гледа како на свој. Понекогаш може да изгледа дека надежта што ја даваат Србите е поголема во Русија, во руската политика, отколку во сопствената. Можеби тоа е парадокс“,
рекол патријархот Порфириј.
Тој додал дека пред две недели бил во Ерусалим, каде, како што навел, патријархот Теофил му рекол дека православните имаат еден адут, а тоа е Владимир Путин.
За „обоената револуција“ и желбата на Србија да биде дел од „рускиот свет“
„Треба да се истакне дека ние сме ви благодарни за вашата поддршка и став во однос на Косово и Република Српска, и секако Црна Гора – и таму е нашиот народ, нашата црква. Вие многу добро знаете дека без вашата поддршка и поддршката на Кина, не знам што ќе се случи со Косово. Независно од политиката, независно од луѓето, од вестите што ги имаме – без Косово и Република Српска, можам да кажам, српскиот народ нема перспектива“,
рекол српскиот патријарх.
Во текот на разгворот тој на Путин му ги пренел поздравите од српскиот претседател Александар Вучиќ.
„Тој ви ги испраќа своите поздрави и ми кажа дека ќе биде тука на 9 мај, без оглед на околностите во Европа и на други места. Верувам и чувствувам дека нашата позиција во однос на Косово, Република Српска и Црна Гора зависи од позицијата на руската држава, Руската Федерација на глобално ниво. Мојата желба и желбата на мнозинството во нашата Црква е во иднина, доколку дојде до ново геополитичко прегрупирање, да бидеме блиску до тоа руско опкружување“,
рекол тој.
Патријархот Порфириј во таа насока додал дека за православието разговарал со патријархот Кирил.
„Не е лесно. Деновиве и кај нас има револуција. Како се вика?“,
рекол тој и побарал превод на руски.
„Обоена (цветной)“,
одговорил владиката Иринеј.
„Обоена револуција – вие го знаете тоа. Се надевам дека ќе го надминеме тоа искушение, како што кажавте. Затоа што знаеме и чувствуваме дека центрите на моќ од Запад не сакаат да се развива идентитетот на српскиот народ и неговата култура. Ви благодариме за она што го кажавте, а Господ да ви даде сила и мудрост. Нашите молитви се секогаш со вас и се надевам дека Господ ќе ви помогне“,
заклучил српскиот патријарх.
На тоа Путин одговорил дека со прашањето за идентитетот се занимава црквата, а особено Руската православна црква (РПЦ).

„Патријархот московски вложува многу напор за зајакнување на нашите традиционални вредности, нашите духовни основи. И секогаш кога ќе се сретнеме, се сеќаваме и зборуваме за нашите православни браќа, а тоа е ставот на Светиот патријарх. Сигурен сум дека тој постојано зборува за тоа во разговорите со вас“,
накратко рекол Путин.
За Западот
Рускиот патријарх Кирил во разгворот ја изразил својата радост по повод средбата, наведувајќи дека од сите помесни православни цкрви, српската е најблиска до руската и во однос на културата и во однос на јазикот.
„Историски, исто така, нашите земји никогаш не се бореле една против друга, а ако се бореле, биле рамо до рамо против другите. Таа љубов кон Русите, кон рускиот народ и Руската црква е органски вткаена во културата на Србија и затоа се најблиски со нашиот народ. Во филозофијата на животот ова има огромно значење. И кога заеднички разговараме за проблемите и кога се среќаваме на меѓумесни собири, Српската црква е најблиску до нас, туку затоа што навистина е така“,
рекол партијархот Кирил.
Тој додал и дека ако се погледне историјата, српскиот народ и Српската црква никогаш не ја предале Русија, што, псоред него, не е случај со други словенски земји.
„Некои словенски земји, да не ги спомнуваме, под влијание на моќните милитаристички западни сили, привремено ја сменија својата ориентација, потоа зажалија, но се сменија. Србите никогаш не се сменија. Таа љубов кон Русија, така да се каже, може дури и генетски да се всади кај српскиот народ. Сето тоа силно се рефлектира во меѓуцрковните односи. Секогаш сме истомисленици. А кога има дискусии на меѓуправославни форуми, секогаш ја чувствуваме поддршката на Српската црква. И, секако, би сакал да истакнам уште нешто: Србите се, се разбира, позападни од нас – така договорил Господ. Црквата е таа што директно се соочува со Запад, од која веројатно може да добие и добила многу што е корисно во науката и културата. Но, она што се случува денес со човечкиот морал и етика на Запад – ќе го кажам отворено, зошто да се срамиме – тоа е дело на ѓаволот“,
рекол тој.
Патријархот Порфириј се согласил со овие констатации, а Кирил објаснил зошто е тоа „дело на ѓаволот“.

„Целта на ѓаволот е човекот да ја изгуби разликата помеѓу доброто и злото. Нема повеќе. Има само ‘алтернативно однесување’. Црквата вели: не смее да се постапува така. Нарушен е интегритетот на човековата личност, потоа се руши. Руската православна црква, како што знаете, стои на тие позиции и ги брани на меѓународните форуми“,
истакнал патријархот Кирил.
За папата Франциск
На средбата потоа станало збор и за папата Франциск, кој почина во понеделникот на 88-годипна возраст.
„Ваша Светост, спомнавте што се случува на запад од нас. Ние многу добро знаеме и сите бевме сведоци на вашата средба со римскиот папа, кој го напушти овој свет во овие велигденски денови. Мислам дека тоа покажува и дека дури и на Запад сè уште има луѓе, духовни сили, кои се трудат да ги обноват односите и повторното духовно раѓање“,
рекол Путин.
Западната култура, без разлика што некој ќе каже, се заснова на христијански основи, нагласил рускиот претседател.
Пофалби за папата Франциск искажал и патријархот Кирил.
„Тој беше човек со цврсти ставови и убедувања, и покрај големиот притисок што му беше вршен – вклучително и обидите за заладување на односите со Руската православна црква. Сега тој е во друг свет, па можам слободно да го цитирам без негово одобрение. Кога беше под голем притисок – простете го изразот – тој само рече една кратка реченица: ‘Не карајте се со Кирил’“,
рекол рускиот патријарх.
Путин на темата додал дека неколкупати се сретнал со папата Франциск, кој, според рускиот претседател, имал искрени и добри чувства за Русија.
„Имајќи го предвид неговото латиноамериканско потекло и расположението на мнозинството граѓани на земјите од Латинска Америка, сигурен сум дека и тој го почувствува тоа и ги изгради односите со Русија во многу добронамерен дух“,
заклучил Путин.