На почетокот на гостувањето тој не можеше да одговори на првото прашање, односно имаше проблем со говорот, по што на барање на водителите се пуштени реклами
На српскиот министер за јавни инвестиции и претседател на Извршниот комитет на Српската напредна партија, Дарко Глишиќ, денеска му се слоши додека гостуваше во утринска емисија на ТВ Пинк.
Како што информираат српските медиуми, тој итно е однесен во Ургентниот центар во Белград во исклучително тешка состојба, по што му е извршен оперативен зафат.

Српскиот министер за здравство Златибор Лончар изјави дека министерот Дарко Глишиќ доживеал мозочен удар за време на гостувањето на ТВ Пинк, и додаде дека му е извршена комплицирана и сложена процедура поради неговата сериозна здравствена состојба.
„Интервенцијата, која беше исклучително комплицирана и комплексна, траеше подолго од вообичаено. Тој сè уште е во сериозна состојба, поради што е интубиран и на респиратор“,
рече Лончар.
Не сакаше да даде предвидувања за понатамошниот тек на лекувањето.
Според него, лекарите ќе можат да дадат подетални информации во текот на следниот ден.
Како што објави Радио-телевизија Србија (РТС), Глишиќ не можеше да го заврши своето гостување во утринската емисија, поради што програмата е прекината, а министерот е однесен во болница.
На почетокот на гостувањето, тој не можеше да одговори на првото прашање, односно имаше проблем со говорот, по што на барање на водителите се пуштени реклами.
Во периодот од мај 2024 до април 2025 година, Глишиќ ја извршува функцијата министер за јавни инвестиции, а на истата позиција е избран и по формирањето на владата на премиерот Ѓуро Мацут, кој беше избран за премиер на 16 април.
Дарко Глишиќ е член на Српската напредна партија од нејзиното основање, а на позицијата претседател на Извршниот комитет на партијата е избран во 2016 година, на Собранието на партијата.
Глишиќ и српскиот претседател Александар Вучиќ важат за блиски соработници, но и за пријатели. Тие имаат и семејни релации – Вучиќ му е кум на Глишиќ.