Засега од РИК нема информации за резултатите за градското собрание на Белград, каде што, како што пренесуваат медиуми повикувајќи се на проекциите од Центарот за истражување, транспарентност и одговорност (ЦРТА), е тесна разликата помеѓу опозициските и владејачките коалиции
Актуелниот претседател на Србија, Александар Вучиќ, според првичните резултати на Републичка изборна комисија (РИК), освои речиси 60 отсто од гласовите на претседателските избори и уште во првиот круг доби нов мандат.
Според 86,99 обработени гласови, Вучиќ освоил 59,5 отсто. Второпласиран од вкупно осумте кандидат е Здравко Понош со 17,5 отсто, а трет е Милош Јовановиќ со 5,8 отсто освоени гласови. Бошко Обрадовиќ освоил 4,4 отсто, а Милиџа Ѓурѓевиќ-Стаменковски 4,3 отсто. Според податоците од РИК, кандидатката Билјана Стојковиќ освоила 3 отсто, Бранка Стаменковиќ 2 отсто, а Миша Вациќ 0,9 отсто.
Во однос на предвремените парламентарни избори, според првичните неофицијални резултати на РИК за 87,67 отсто обработени гласови, листата „Александар Вучиќ – Заедно можеме сè“, добила 43,4 отсто гласови.
На второ место е една од опозициските коалиции Обединети за Србија со 13,1 отсто, а трети со 11,7 отсто се социјалистите од СПС, кои досега беа коалициски партнер на Вучиќ.
Коалицијата Надеж, според првичните резултати, има 5,3 отсто од гласовите, Мораме 4,3. Понатаму, Двери освоиле 3,9 отсто, а Заветници 3,8 отсто од гласовите.
Засега од РИК нема информации за Белград, каде што, како што пренесуваат медиуми повикувајќи се на проекциите од Центарот за истражување, транспарентност и одговорност (ЦРТА), е тесна разликата помеѓу опозициските и владејачките коалиции. Врз основа на 96 отсто од обработените гласови, според ЦРТА, владејачката коалиција на Вучиќ освоила 38,1 отсто од гласовите. Досегашниот коалициски партнер СПС, пак, има 6,9 отсто. Опозициската листа „Владета Јанковиќ – Обединети за победата на Белград“ има 21,3 отсто, а коалицијата Мораме – За добар град има 10,8 отсто.