Православната охридска архиепископија (ПОА), црквата основана од Јован Вранишковски, станува дел од Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ ОА).
Одлуката за отпуст од Српската православна црква (СПЦ) е донесена на годинешното заседание на Светиот архиерејски синод на СПЦ кое се одржа од 14 до 20 мај, една година откако СПЦ го додели томосот за автокефалност на МПЦ ОА.
На заседанието особено внимание било посветено на темата за конечното решавање на канонскиот статус на архиереите на ПОА.

„За таа цел, Соборот донесе одлука за доделување канонско ослободување на ерархии на оваа автономна црква од страна на СПЦ и нејзино интегрирање во Синодот на Македонската православна црква во согласност со светите канони и Устави на двете помесни Цркви, како и претходно постигнатиот договор на Синодите на сите три црковни структури“,
се наведува во соопштението на Светиот архиерејски синод на СПЦ.
На Соборот присуствуваа и архиереји на Православната Охридска архиепископија, како и сите викарни архиереји.
Од МПЦ ОА велат дека следните денови треба да се одржи седница на Синодот на која формално ќе се потврди одлуката, со што и официјално ПОА на Вранишковски ќе биде дел од МПЦ ОА. На седницата минатиот месец се зборувало и за поделба на епархиите без да се откриваат детали поради, како што тогаш рече владиката Тимотеј, потребата да се усогласат со СПЦ.