Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска вели дека постапката ќе биде транспарентна и критериумите ќе бидат еднакви за сите, ризикот за одобрување на средствата, како што рече таа, е кај банките кои одлучуваат кои и какви проекти ќе кредитираат
Средствата од унгарскиот кредит од 250 милиони евра стануваат оперативни откако денеска Владата на седница донела одлука за нивно ставање на располагање на компаниите.
Следниот чекор е Развојната банка да ги добие средствата од буџетот кои ќе бидат пренесени во комерцијалните банки и да може да почне пласманот на средствата кај компаниите кои ќе аплицираат.
Компаниите ќе имаат пристап до кредити со рок на отплата до 15 години и грејс период до три години. Каматната стапка ќе изнесува 1,95 проценти без дополнителни надоместоци за одобрување, управување и предвремена отплата на средствата. Максималниот износ на кредитот ќе биде до 10 милиони евра во денарска противвредност, а во целиот проект се вклучени сите 13 банки.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска денеска на прес-конференција рече дека постапката ќе биде транспарентна и критериумите ќе бидат еднакви за сите.
Ризикот за одобрување на средствата, како што рече таа, е кај банките кои одлучуваат кои и какви проекти ќе кредитираат.
Приоритет, како што рече Димитриеска-Кочоска, ќе имаат производните компании, но можност да аплицираат ќе имаат сите компании.
„Секако акцент имаат производните компании, но ако ги погледнете анализите на Народната банка, ќе видите дека генерално пласманите што ги прават банките годишно не се нешто многу поголеми од овој износ и затоа ние на крајот се одлучивме да се отвориме кон сите компании во насока на тоа секој да има пристап. Секако производните капацитети ќе имаат приоритет и по информациите што ги имам со едни од најголемите банки во државата, тие веќе имаат постоечки и одобрени пласмани за кои само чекаат потпишување на соодветната документација“,
рече Димитриеска-Кочоска.
Според министерката, ова дава огромна можност за домашните компании да се охрабарат и да влезат во инвестиција.
„Целта беше да креираме можности за реализација на одржливи инвестиции и затоа поддршката е насочена во сите сектори за инвестиции во основни средства, за кои домашните компании треба да учествуваат со 20 отсто сопствени средства. Исклучок од оваа широко поставена поддршка се секторот производство или трговија на алкохолни пријалоци, освен на пиво и вино, производство или трговија со тутун, како и дејности поврзани со коцкање, казина и еквивалентни претпријатија“,
додаде таа.
Договорот за заем со Унгарската експорт-импорт банка беше потпишан во октомври во Будимпешта. Кредитот е во висина од 500 милиони евра со каматна стапка од 3,25 отсто, со период на отплата од 15 години, односно вклучен грејс период од три години. Тие влегоа како средства во буџетот, од каде 250 милиони евра се насочени кон Развојната банка, а таа преку комерцијалните банки ќе ги пласира на приватниот сектор за инвестиции, а останатите 250 милиони евра се наменети за инфраструктурни проекти, осносно за финансирање на проектите на општините.
Потпишување на договорот следуваше по усвојувањето на Законот за задолжување кај Унгарската експорт-импорт банка во македонското Собрание на 17 септември минатата година. Два месеца претходно заемот беше договорен од страна на премиерот Христијан Мицкоски и неговиот унгарски колега Виктор Орбан за време на нивната средба на маргините на Самитот на НАТО во Вашингтон.